Поранешниот градоначалник на Општина Центар Владимир Тодоровиќ повеќе од три часа е на распит во Кривичниот суд за случајот „Феникс“ односно за злоупотреба на службена положба и овластување и перење пари во врска со набавката на дел од спомениците од проектот „Скопје 2014“. Судија на претходна постапка, претходно го прифати барањето на обвинителството и им одреди 30-дневен притвор на поранешниот претседавач на Советот на Центар Владимир Здравев и на уште едно лице, кои исто така се осомничени во „Феникс“. На уште еден осомничен му е одреден куќен притвор.
Од Кривичниот суд Скопје за МИА информираа дека притвор од 30 дена досега им е определен на З.В. и на Љ.Б, додека мерка куќен привор му е одредена на Т.Д.
Повеќе поранешни функционери се дел од истрагата на Јавното Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција која се води против 15 лица под кодно име „Феникс“. Помеѓу осомничените, покрај македонски државјани има и државјани од Италија, а се сомничат за злоупотреба на службена положба и овластување и перење пари во врска со набавката на дел од спомениците од проектот „Скопје 2014“.
Како што информира денеска на прес-конференција обвинителот Љубомир Лапе, осомничените, заобиколувајќи го Собранието, обезбедиле финансиски средства од државниот буџет со кои го финансирале извршувањето на кривичните дела и незаконски ги префрлиле на сметката на општина Центар во вкупен износ од 3.547.390.000,00 денари (57.681.138,00 евра).
Обвинителот не ги посочи имињата на осомничените, но, според нивните своевремени функции, станува збор за поранешниот премиер Никола Груевски, кој е првоосомничен, второосомниочен е поранешниот вицепремиер и министер за финансии Зоран Ставрески, поранершната министерка за култура Елизабета Канческа Милевска, двајца поранешни градоначалници на општина Центар Владимир Тодоровиќ и Виолета Аларова и поранешниот претседател на Советот на Општина Центар Владимир Здравев, а меѓу осомничените е и еден државјанин на Италија и три италијански фирми.
Кривичните дела се сторени од 2007 до 2013 година, периодот кога се спроведувани јавните набавки за предметите споменици, дел од „Скопје 2014“, а истрагата е отворена по 10 години.
Меѓу спомениците за кои се води постапката се „Воинот на коњ“ на плоштадот „Македонија“, лавовите – архаични и класични, „Даме Груев“, „Гоце Делчев“, „Никола Карев“, „Методија Андонов – Ченто“, „Цар Самоил“, „Гемиџии“, „Цар Јустинијан“, „Првото заседание на АСНОМ“ и „Основачите на ТМРО“.