Директорот на ЦИА, Вилијам Барнс неодамна бил во тајна посета на Украина каде што се сретнал со претставници на украиснките служби и со претседателот Володимир Зеленски, објави „Вашингтон пост“.
За време на посетата, Барнс го потврдил американското ветување дека ќе споделуваат разузнавачки информации за да и помогне на Украина да се одбрани од руската агресија, изјавил неименуван американски функционер.
Според „Вашингтон пост“, украинските власти ги претставиле плановите за враќање на териториите окупирани од руските сили и очекувањата да започнат преговори за прекин на огнот до крајот на годината.
Патувањето на Барнс во Кијив било пред бунтот на руската паравоена група Вагнер на 24 јуни.
„Вашингтон пост“ ги пренесува и тврдењата на американските официјални претставници дека САД немале никаква улога во бунтот на Вагнер. Главните американски медиуми вчера објавија дека Барнс по бунтот на Пригожин му телефонирал на шефот на руската разузнавачка служба Сергеј Наришкин за да го увери дека САД не се вмешани во тој настан.
Г. Т.