Се одржа конференција на тема „Храната и новите технологии“. На дискусијата во форма на тркалезна маса главен збор имаа експерти и професори од македонските факултети и институции. Целта на оваа конференција, која беше насочена кон стручна јавност беше да се презентираат некои од најновите корисни технологии во областа на храната. На конференцијата за она што е најактуелно во нивните области говореа: Проф. Соња Ивановска и Проф. Гордана Попсимонова од Факултетот за земјоделски науки и храна, Проф. Јана Клопчевска од Технолошко-металуршкиот факултет и д-р Катерина Геразова-Ефремова од Секторот за нови прехранбени технологии во Агезијата за храна и ветеринарство.
Професорката Соња Ивановска зборуваше за генетиката и создавањето на нови, подобрени сорти, кои денеска се прават многу попрецизно преку таканаречените Нови геномски технологии (New Genomic Technologies) и прецизното вкрстување (Precision Breeding).
– Човекот секогаш се трудел и успевал да направи промени кај растенијата кои ги користи за исхрана. Се тоа ова го правел со цел да добие повеќе и подобар производ. На пример, доматот кој денеска го јадеме е создаден преку процес на селекција, тој потекнува од домат чии плодови биле мали и токсични. Она што денеска технологијата ни го нуди е промените да ги правиме подобро и попрецизно, со помала можност за грешка. Ако селекцијата и вкрстувањето се прави од страна на земјоделецот, повторно имаме промена на растението. Но, таа промена може да биде добра, или да биде штетна, а резултатот ќе го знаеме по неколку берби. Технологијата ни овозможува да добиваме подобри сорти, и поточни информации за храната која ја јадеме. – истакнува проф. Ивановска.
Таа зборуваше и за тоа во која насока се движи светот и Европската Унија. На меѓународните пазари веќе има неколку иновативни производи добиени со новите геномски технологии, но кај нас сеуште нема регулатива во овој дел.
По новостите поврзани со семенскиот материјал, дискусијата продолжи со одгледувањето. Професорката Гордана Попсимонова, накратко својата област ја објасни како изучување на одгледувањето на зеленчук. Сепак, темите за кои зборуваше беа далеку покомплексни. Таа ги опфати новите постигнувања во т.н. контролирани услови за одгледување на храна.
– Уште од 80тите години зборуваме за алтернативни начини на одгледување на растенијата. Еден од овие начини е т.н. Хидропонија. Односно одгледување на растенија во вода. Ова ни помага да го намалиме или исклучиме користењето на почвата, а сепак да добиеме квалитетен производ, полн со минерали и без употреба на пестициди. Она што е најшокантно е дека во ваквите системи имаме и помало користење на водата, затоа што таа циркулира. Професорката зборуваше и за одгледувањето зеленчук во урбани средини во т.н. фабрики за храна, каде би се одгледувале одредени видови на храна, близу до урбаните центри. Така би добиле доволно храна, но и повкусна храна, затоа што не би имале потреба за долг транспорт и берење на плодовите пред тие целосно да созреат. – објаснува професорката Попсимонова.
Циклусот на производство на храна на конференцијата го затвори проф. Јана Клопчевска од Технолошко-металуршкиот факултет. Таа истакна дека светот оди напред со брз чекор. Професорката Клопчевска, презентираше иновативни производи добиени со помош на нови технологии, од здрави кроасани, до пакувања кои се јадат и ја менуваат бојата кога храната ќе се расипе. Како последна фаза од процесот е правењето на производи од отпадот од храната.
– Во градската лабараторија за Биотехнологија која е отворена годинава, секој граѓанин или компанија може да донесе отпад и истиот да се претвори во производ. Досега направивме над 30 производи од отпад од храна вклучувајќи: кожа од камбуха, етерични масла од портокал, пелети за греење и цемент од разни типови на отпад, прав од калинка за органски креми против стареење и слично. Со користење на технологијата и подигнување на јавната свест она кое го фрламе можеме да го трансформираме во нешто кое ни е потребно.
Официјалниот дел го заокруживме со д-р Катерина Геразова – Ефремова од Агенцијата за храна и ветеринарство од секторот за нова храна. Таа зборуваше за тоа каков е процесот за влез на нова храна во земјава, но и за нејзиното искуство во работењето во EFSA (European Food Safety Authority) – Европското тело за безбедност на храната. Геразова – Ефремова била дел токму од тимот за испитување на нови типови на храна во ЕУ.
– Кога зборуваме за нова храна, односно „новел“ храна тоа е нешто кое е ново или иновативно, невообичаено за пазарот на кој доаѓа. Но, кога новата храна е квалитетна и безбедна потрошувачите лесно се приспособуваат кон неа. Низ нашите контроли поминувала и храна како чиа семето и киноата, кои денеска се широко прифатени. Веќе во маркетите го гледам и фасилис плодот кој исто така е новина на македонскиот пазар. Новите трендови налагаат барање на храна која е замена за месото, како и храна која се произведува во поеколошки процеси. Сите типови на храна кои влегуваат на пазарот треба да бидат: безбедни за јадење, соодветно и транспарентно означени, ако заменуваат одредена храна треба да бидат барем исто толку нутритивна и веќе одобрена и безбедна за потрошувачка. – објаснува д-р Катерина Геразова – Ефремова од АХВ.
Презентирани беа и наоди од анализа на јавното мислење според кои над 60% од испитаниците дале висока оцена (4 и 5) за тоа дека во Македонија треба да се инвестира во Биотехнологија. Се разви плодна дискусија за храната, борбата за прехранување на гладните, климатските промени и улогата на новите технологии.