Советот на Општина Тетово денеска одржа седница за советничка прашања, на која се разви дебата за долгот на локалната самоуправа и тетовските јавни претпријатија. Советниците поставија голем број прашања и за инфраструктурни проблеми.
Од советничката група на ДУИ ја критикуваа работата на општината и посочија дека нема развој.
– Речиси две години градоначалникот на општината не само што не ги исполнил дадените ветувања, но, полошо од тоа ја претворил општината во штаб на Движењето Беса, полнејќи ја со партиски милитанти. Општина Тетово денес е на последната листа во регионот за транспарентност. Капиталните инвестиции се нула, а обидите на градоначалникот на општината да се извлече од ситуацијата со проектите кои ги најде готови од претходното раководство се јасен доказ дека за овие две години нема ниту визија, ниту намера да го гради Тетово, туку напротив со своите непотистички и коруптивни постапки да го трансформира Тетово во финансиски извор на различни интереси блиски до Движење Беса, изјави Лиридон Диша од советничката група на ДУИ.
Градоначалникот на Тетово Биљал Касами изјави дека обвинувања не се издржани бидејќи, како што рече, доаѓаат од политичка партија и луѓе кои ја оставиле општината во оваа неповолна ситуација.
– Управата за јавни приходи најмалку 20 години ги трпи претходните градоначалници, директорите на претпријатието да го наталожат тој долг кон УЈП. Кога дојдовме ние, нас не блокираат за долг кој е создаден претходно. Ниту еден цент не е создаден сега, нов долг кон УЈП затоа што се наплаќа од нивна страна. Не сме ние виновни, самата Управа е виновна што дозволила да се создаде долг во Јавното комунално претпријатие што не може да го плати. Во ситуација кога ни прават пречки, не критикуваат дека не работиме ништо. Но, во спротивно, граѓаните се свесни дека Тетово стана градилиште, се градат булевари, патишта, канализациски мрежи, студија за водоводната мрежа, изјави Касами.
Според него, сега долгот на Општина Тетово од 24 милиони е намален на 20 милиони евра, иако се со блокирана сметка.