За да биде одржлива, европската интеграција на Република Северна Македонија мора да се заснова на исполнување на критериумите за членство во Европската унија (ЕУ).
Вака вчера повторно се пожалил бугарскиот претседател Румен, Радев на средбата со специјалниот пратеник на германската влада за Западен Балкан, Мануел Сарацин, соопштија од прес-службата на шефот на бугарската држава.
-Вклучувањето на Бугарите во уставот на РСМ е предуслов за почеток на преговори за членство во ЕУ, но не е единствен, истакнал Радев и потсетил дека составен дел од одлуката донесена во јули 2022 година за евроинтеграциите е имплементација на билатералните протоколи од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година.
Како што пренесуваат бугарските медиуми, Радев посочил и дека тоа веќе не се отворени прашања кои ги засегаат двете земји, туку прашања за односите на Скопје со ЕУ.
Тој повторил дека во заеднички интерес е што поскоро да се постигне вклучување на Бугарите во македонскиот Устав, како и да се преземат сериозни напори за „искоренување на јазикот на омраза во кон Бугарите и Бугарија, вклучително и од содржината на учебниците, јавните медиуми и државните и научните институции“.
-Само така во регионот може да се изградат односи на пријателство и добрососедство, а РСМ да постигне напредок во процесот на својата европска интеграција, му рекол Радев на Сарацин и повторно зборувал за „физичко насилство врз граѓаните со бугарска самосвест, пукање и палење на бугарски културни клубови, но и ефективни казни за сторителите“.
Шефот на бугарската држава бил категоричен дека Бугарија и Република Северна Македонија споделуваат вековна заедничка историја, култура и традиции.