Со премиерите на Северна Македонија и Албанија, со претседателите на Турција, Франција и Црна Гора, како и со германскиот канцелар, ќе одржи средби грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на маргините на НАТО Самитот што денеска и утре се одржува во Вилнус, јави дописничката на МИА од Атина.
Средбите со Рама и Милатовиќ се закажани за денеска, додека пак со Ковачевски, Ердоган, Макрон и Шолц, Мицотакис ќе се сретне во текот на утрешниот ден.
Средбата Ковачевски – Мицотакис, вчера беше соопштена како од македонската, така и од грчката Влада, но без дополнителни детали околу агендата на разговори.
Ова ќе биде прва средба на премиерите на Северна Македонија и Грција по изборите кај јужниот сосед на 25 јуни откако Мицотакис и официјално доби втор мандат и ќе се одржи на само четири дена откако неговата Влада доби доверба од Парламентот.