61.672 луѓе починале од болести поврзани со горештини во Европа во периодот од 30 мај до 4 септември минатата година, според студијата објавена во списанието Nature Medicine.
Италија беше најтешко погодена земја со околу 18.000 смртни случаи, следи Шпанија со нешто повеќе од 11.000 и Германија со околу 8.000.
Истражувачите откриле и дека екстремната жештина несразмерно им штети на постарите и жените.
Од скоро 62.000 анализирани смртни случаи, стапката на смртност од жешкото време била за 63 отсто повисока кај жените отколку кај мажите.
Возраста беше исто така важен фактор, при што бројот на смртни случаи значително се зголеми кај оние над 65 години, јави Си-Ен-Ен.
Истражувачите ги анализираа податоците за температурата и смртноста помеѓу 2015 и 2022 година за 35 европски земји со вкупно население од 543 милиони луѓе и ги искористија за да создадат епидемиолошки модели за пресметување на смртните случаи поврзани со исклучително високи температури на воздухот.
Авторите на студијата предупредуваат дека светот само ќе стане потопол и дека без ефективни планови за адаптација, Европа би можела да се соочи со повеќе од 68.000 предвремени смртни случаи секое лето до 2030 година и над 94.000 до 2040 година.
Извор: МИА