Борко Ристовски е нов извршен директор на најтрофејниот македонскиот ракометен клуб Вардар, додека Стојанче Стоилов е назначен за помошник тренер и координатор на младинските категории.
За завршувањето на кариерите на Ристовски и Стоилов во ракометот како играчи беше соопштено на денешната прес-конференција на „црвено-црните“.
– Борко Ристовски е наша ракометна легенда. Тој добива нова функција во раководната структура – извршен директор. За претседател на неизвршните директори е поставен Емил Угриновски. Иконата на Вардар, Стојанче Стоилов, ја завршува својата богата кариера и добива двојна функција, помошник тренер и координатор на младински категории, рече досегашниот претседател на клубот Михајло Михајловски.
На тренерското место во Вардар и во следната сезона ќе остане Владо Недановски и покрај неуспехот минатата сезона со освоеното трето место во домашниот шампионат.
Вардар во новата сезона ќе игра двомеч со германскиот Рајн Некар за пласман во групната фаза во Европската лига.