Пишува: ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
И 23 години после смртта на големиот македонски литерат Славко Јаневски дилемата дали како земја сме се оддолжиле нему и на неговото дело останува актуелна. Дури, се чини, со годините што следеа после неговото лустрирање според тефтерот на фамозниот архивар Зоран Тодорвски, попознат по својот прекар Кундак, тоа понижување, негово, но и на неговото семејство, опстојува. Просто секогаш има потврда дека нешто се случува за да ја потврди намерата на онаа група која слепо (со два индивидуални исклучоци) ги следеше наредбите дадени од зад кулисите на архивот, со идеолошки а најверојатно и привaтни зли намери.
„Страшниот суд“ на Ќосето
Некаква невидлива сила, како во филмот на Карпентер „Магла“, се влечеше ноќе по скопските улици и наутро ќе се појавеше пред очите на граѓаните во разни форми, на крајот отелотворени во еден споменик, кој како утрински шок стоеше како клучна илустрација на зафатот на новата, всушност, стара меморија за злото.
Застанат до зградата на Врховниот суд (!) споменикот на човекот со кама во раката и со пиштол на појасот, беше асоцијација која требаше подеднакво да предизвикува трнки и на судиите („правилно да судат“), потоа и до сите странки кои влегуваат во судовите распослани наоколу за да знаат „што ги чека“, а беше секако и некаков „светилник“, изникнат во едно мрачно време, за секојдневното однесување и размислување на членовите на Комисијата за лустрација, кога тие одат кон своите простории за егзекуција во зградата на МРТВ.
Со подигнатиот споменик на Андон Јанев Лазов Ќосето, од 7 септември 2014 година, пирамидата на вредностите во системот стана дефинитивно превртена. Таа стои онака, со наметливо наопачна визура, ги боде нашите очи, а ние ќе треба да ги архивираме во главата упатствата што ги носи таа фигура со својата изопаченост. Секако дека таа позиција, штом е само израз на вистинските вредности на Организацијата, јасно може да се оцени и со вкупниот третман, како опозит на таа ситуација, која ја има споменот на Славко Јанрвски, да речеме, кој секако е поттикнуван со нешто непријатно како настан или помен.
Јасно е дека и некоја, во основа дребна и минимална дотација, ставена на тасот на можноста на вреднување на едногодишниот опус на македонската литература (отсек романи), неминовно асоцира и на односот на истата таа држава кон славниот писател и основач на новото време кај нас. Дали е совпаѓање тоа што, од друга страна, сме соочени со јасната одлука на новата градоначалничка на градот дадена на 1 април годинава (не, не е шега) да го врати споменикот на Ќосето на старото место или да ја отпочне реституцијата на вредностите во земјава, несомнено по инструкции од место со кое и самата е врзана и донесена на местото кое го држи. А кои пристигнуваат по брза пошта од самата Будимпешта.
МАНУ против својот основач
Впрочем, Фондацијата има поширок дијапозон на активности, да речеме, да ја потсетува МАНУ дека не ја извршила својата обврска кон еден од седумте основачи на оваа институција. Основачите на Академијата и по својата смрт барем ѝ даваат можност, со соодветна седница, да одбележи некој значаен датум, како што е најчесто стогодишнината од раѓањето на веќе вреднуваниот значаен член на ова општество. МАНУ ја одбегна таа можност да ја искористи во 2020 година кон Јаневски и тоа – впечатливо – во однос на основачите само кон Јаневски, што само по себе е јасен знак дека некои сили во неа, како што се покажа многупати до сега, умеат лесно да се придружат на било која историска реституција на вредностите, само не на оние што за овој народ се основни!
Оттаму, ова со Министерството за култура дава за право да се замислиме генерално за оценката на мигов – Јаневски или Ќосето? Која сила во оваа земја е помоќна? Има ли тоа врска што непотребно сме навлечени на една собраниска драма која од банална стана закана за вистинска катастрофа за земјава и поколенијата?
Дајте некој иновативен предлог, па да си заминеме до Буњаковец
Колку и да се чини бенигна одлуката на некоја комисија или тело за распределба на буџетските средства, на културната бирократија која, како бесконечно да го користи своето право на пауза за претпладневен топол оброк, на своите задачи гледа како на некаков рефлексивен, но континуиран протест („сѐ ќе мериме низ нашите депресивни плати“). Тоа тело ќе оцени дека на Фондацијата „Славко Јаневски“ ѝ е потребен некаков „иновативен предлог“ за понатаму што, сепак, не е дека баш и нема никаков допирен однос со понатамошното валкање на името на Јаневски и докажаните вредности и модели за стимулација на творештвото кај нас, да речеме.
Своевремено, стариот добар Остен имаше идеја за зголемување на публиката во Операта со носење на некој Индиец, кој со својата традиционална флејта и две кобри што излегуваат од кошницата на паузата меѓу чиновите би ја забавувал публиката во националната установа. Шега нели, ама кој знае, можеби истата би делувала стимулативно за Операта и нејзината гледаност ама и би соодветствувала на тоа како некои административци се однесуваат кон суштинските ориентири во културнииот простор. Нив очевидно експериментот би ги мотивирал! Впрочем, обидите за реставрација на вредностите што ги споменавме, сепак, си имаат и мали и големи белези, па и свои извршители. Секој вложува во таа реставрација колку може, а добива според потребите, што е последна (иако во основа стара комунистичка мантра) идеја на Синдикатот за рушење на финансиската стабилност на земјата.
Финансиската орнаментика на Здружението од Сетинци, Попадинци и Крушоради
Веќе споменавме дека и оние кои доаѓаат после Кундакот на платформата на ступидното трошење на народните пари, во формат на она фамозно Здружение од Сетинци, Попадинци и Крушоради, го држат орозот на оружјето на специјалниот суд (случај Ќосето) и можат слободно да ни ја сотрат меморијата со која се обидуваме да се одржиме. (Фондацијата имено тоа и го спасува). Во овој момент не би ме чудело ако членовите на ова Здружение одново ја меркаат старата канцеларија кај Рекорд за да ѝ се вратат или ги вршат последните мерења на димензиите на однесениот споменик на својот идол во некоја од напуштените хали на МЗТ, што со акцијата на претходниот градоначалник е ставена некаде надвор од очите. Но само тоа; истата е сепак доволно близу за да биде дел од процесот на споменатото „освежување“ на стариот груевистички режим. Градоначалничкото место за старата гарнитура во градот е повратено, а тоа значи дека не смеете да го споменувате ниту Славко Јаневски во било каков контекст! А како луѓето како Јаневски стануваа највпечатливи жртви на лустрацијата?
„Се менуваше текстот на Законот за лустрација, и како тој се спроведуваше стана јасно дека тој не се користи за спречување на можноста соработници на тајните служби да не можат да вршат јавни функции. Стана јасно дека сосема други приоритети форсира комисијата и дека таа веќе прераснала во инструмент на политичка пресметка на власта со своите опоненти и дека на секоја одредба, дури и од темелно променетиот Закон, Комисијата ѝ приоѓа ‘флексибилно’ дотаму што донесува одлуки што ѝ противречат на законската цел“. Ова во „Фокус“ го напиша поранешниот висок функционер Стојан Андов, целосно инволвиран во стартот на овој процес.
Само како потсетување – Јаневски почина во 2000 година, а во 2010 година (дури) му е изработен еден мал споменик во Паркот Жена борец. Лустриран е 13 години по смртта, што е елементарно кршење на смисолот на тој процес – лустрацијата треба да оневозможи вршење на јавни фунции на лица кои биле тајни соработници на политичката полиција! Од овој факт – лустрацијата на Јаневски – посебно беа израдувани во круговите на бугарската политичка елита (види бугарска Википедија).
Не, не успеавме таквите најгруби сквернавења со промената на власта во 2017 година да ги исправиме. Впрочем, неправдите на режимот главно се покажаа жилави и покрај раскрвавените глави на политичарите или киднапираните колешки кои на оној 27 април си ја вршеа само својата нормална новинарска задача. Мислевме дека правењето на држава треба да се темели на некои сосема нови и цврсти вредности, а не само на некакво си проштевање кое режимот што тој не го заслужи со ниту еден резон, а сега го враќа своето присуство со големо засилување, заканувајќи се на иднината на земјата, на нормалноста на идните поколенија, дури и на неродените деца. Поточно, не можеме секогаш да реагираме во стилот – ме удривте по образот, еве ви го и другиот. Тоа е само интимно решение на поединец без власт и моќ, но не и чекор на некој кој мора да ја брани државата и нејзините клучни вредности. Тоа нам сега се појасно ни се појавува како сто пати потврдена вистина!
Велат дека, сепак, имало улица со негово име, само не се знае каде точно се наоѓа
Впрочем, Фондацијата е само дел од мозаикот каде централно прашање е зошто во овој град не постои ниту една улица со негово име? Режисерот Наум Пановски успеа да ја најде улицата и зградата каде писателот долго живеел, па некој ќе рече и тоа е нешто. Наводно, еднаш надлежните ја донеле одлуката за именувањето на улица со писателовото име, па таа не смеела да се реализира, бидејќи, се ближеле избори (а баш и не морале толку да чекаат), па потоа требало новата градоначалничка да донесе нова одлука, ама ете, лепливиот мед на нивната политика не го дозволува тоа,
Имало дури и некои тврдења дека таа улица некаде постои, но нема ниту еден скопјанец кој носи лична карта со име на писателот! Таа улица е веројатно подвижна и се крие! Каков филм, каква загатка која просто ја отсликува позицијата која на крајот се одразува врз фактот дека и онака малата скулптура на Јаневски во паркот, со години стои запуштена и невидлива, со оштетен постамент. Можеби реставрацијата кон која се лизгаме само ќе го доруши?