Основното јавно обвинителство Струга поведе постапка против 30-годишник осомничен за кривично дело „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“, согласно член 383 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот, како што соопшти Основното јавно обвинителство, на 26 јули, влегол во просториите на ОВР Струга и на полициските службеници започнал да им вика и да ги навредува поради одземено возило.
– Кога тие побарале од него да го напушти објектот и да се легитимира, тој со лакт удрил еден од полицајците во стомак и се обидел да побегне. Додека да го совладаат, осомничениот уште неколкупати го удрил полицаецот, нанесувајќи му повреди на раката, вратот и градите, стои во информацијата.
Имајќи предвид, како што е наведено, дека делото е извршено со особена дрскост, односно станува збор за напад врз полициски службеници во полициската станица, јавниот обвинител оценил дека постои можност осомничениот да го повтори.
– Исто така, постојат околности кои укажуваат дека тој би можел да се даде во бегство за да го избегне кривичниот прогон. Од тие причини, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Струга достави предлог за определување мерка притвор, информира ОЈО.