До ден денешен Илинден претставува симбол на единството, рамноправноста, слободата и светлата перспектива, како јасни насоки на развојниот пат на државата за да се фати чекорот со напредните, европските држави, напиша министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во честитката по повод најголемиот државен празник – Илинден – 120 години од Крушевската Република и 79 години од Првото заседание на АСНОМ.
И годинава, како што истакна Спасовски, историскиот моментум од нас, како држава и како народ, изискува храброст и мудрост, прогресивен дух и визија, кои во аманет ни ги оставија нашите предци, преку заедништвото на Илинденците во првиот Илинден од 1903 година, со формирањето на првата Република на Балканот – Крушевската, и државничкиот став на АСНОМ-ците во 1944 година.
-Нивниот копнеж за демократска, слободна и напредна Македонија, ние денеска го живееме. Денес имаме отворена јасна европска перспектива за нашите граѓани, за која се изборивме и по која станавме меѓународно препознатливи, со заеднички демократски вредности, економски стабилна држава, почитувана, безбедна, со бројни меѓународни пријатели и партнери, посочува Спасовски.
Тој додава дека токму Илинден е тој жив потсетник за идеалите за кои се изборивме, а чии носечки двигатели се делата и подвизите на нашите предци.
-Во духот на силното чувство на самоопределување, идеите беа преточени во државнички дела, а зборовите на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов Ченто – дека ние сме Македонци, зборуваме македонски јазик и нашите деца имаат право да зборуваат насекаде на својот мајчин јазик – добија силна афирмација од светот, од оние со кои сакаме да ја делиме нашата иднина. Таа света обврска ја исполнивме, посочува министерот за внатрешни работи.
Сега, нагласува Спасовски, сме повикани да се свртиме кон заедничката иднина – да ги оставиме разликите, да покажеме меѓусебна почит и да се насочиме кон создавање општество на слободни граѓани кои се натпреваруваат со своите идеи, кои дебатираат за можностите што ги носи новиот ден, подобар од претходниот.
-За таква нова мугра сонувале Илинденците и АСНОМ-ците, што треба заеднички да ја изнедриме за да поставиме основа за подобар живот којшто нашите деца го заслужуваат. Нека е честит и вековит Илинден! Нека ни е вечна Република Северна Македонија!, истакнува министерот Спасовски во честитката.