Проблемот со редовна исплата на платите продолжува и станува болно и бенигно и за вработените во ЈСП и нивните семејства, а и за граѓаните во Градот Скопје. В четврток во 8 часот раководството синдикатите ќе бидат пред Градот Скопје ќе побараат средба со градоначалничката и ќе побараат исплата на јулската плата. Ако тоа не се случи во утрешниот ден, веќе во петок гладните вработени повторно ќе излезат на протест, изјави за МИА Миќо Стојановски, претседател на еден од трите репрезентативни синдикати во ЈСП.
Тој кажа дека сите работни задачи ги извршуваат согласно закон и акти на претпријатието и повеќе, вели, „не се издржува нередовната исплата на плати“.
-Во фирмата останавме само 1.100 вработени, многу ја напуштија поради нередовните плати и нискиот личен доход, така што ќе мораме да го направиме ова што претходно ви го кажав. Тоа е единствениот начин да се избориме за своите права од работен однос и редовен личен доход. Два дена се влечеме во Градот Скопје да ни објаснат зошто нема плата, изјави Стојановски.
Стојановски информира дека со буџетот 2023 било договорено дека ќе има доволно средства за плати, субвенции и други дотации, но, како што вели, останале излажани.