Министерството за внатрешни работи соопшти дека Секторот за внатрешни работи – Скопје го лишија од слобода С.Е. (53) од Скопје, постапувајќи по добиена пријава од Б.Ј. (39) од Скопје, снимател во ТВ Алсат, дека, додека денеска заедно со уште две лица снимале интервју во Старата скопска чаршија, од берберски салон излегло машко лице и физички го нападнало.
– Веднаш по добиената пријава, преземени се соодветни мерки и активности и напаѓачот е идентификуван и приведен од страна на полициски службеници. По документирање на случајот, ќе биде поднесен соодветен поднесок, соопштија од МВР.
ЦИВИЛ – центар за слобода, како организација за човекови права и слободи, најостро го осудува насилството во секоја форма.
– Нападите врз медиумските екипи е крајно неприфатливо и заслужува секаква осуда и остра законска санкција. Нападот врз новинарските екипи е кривично дело, па така и последниот напад врз снимателот на ТВ Алсат-М претставува грубо кршење на Кривичниот закон. ЦИВИЛ очекува од институциите итна и решителна реакција соодветно на законот, како и осуда од јавноста. На снимателот и колегиумот на ТВ Алсат-М му изразуваме целосна поддршка и солидарност, се вели во рекацијата на Цивил.
Ибаку, денеска во Старата скопска чаршија е нападната екипа на ТВ Алсат додека била на должност. Првично вербалниот, а потоа и физички напад се случил додека двете новинарки на ТВ Алсат, Ера Ѓакова и Сара Хоџа заедно со снимателот снимале на терен, објави ТВ Алсат.