„Заврши уште едно „Охридско лето“, 63. по ред, кое и годинава донесе одлична музичка и драмска програма. Уште едно успешно фестивалско издание што го зацврсти Охрид на светската мапа на културни настани од особено значење. Бев почестена што можев да присуствувам на повеќе изведби кои ги истакнаа културниот и духовниот континуитет на фестивалот, чие отворање го обележи настапот на оперската дива, сопранистката Ангела Георгиу, придружувана од Оркестарот на НОБ“, сподели министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.
„Раскошно распослано по грандиозниот Антички театар, акустичниот амбиент на црквата „Света Софија“, Долни Сарај – една од најубавите сцени во градот, но и на други места, годинашното „Охридско лето“ и Охрид беа домаќини на врвни домашни и светски уметнички имиња, актери, театарски работници, солисти, хористи, музичари…
„Охридско лето“ и Охрид во изминатите четириесет дена ги угостија: славниот американски актер Џон Малкович; Белградскиот народен театар; египетско-австралискиот виртуоз на уд и композитор Џозеф Тавадрос; прекрасниот вокал Жуана Амендоира; уметниците од пијано-дуетот „Гелебешеви“; кларинетистот Пабло Бараган; гудачкиот квартет „Емилиос Риадис“; НУ ЦК Театар „Јордан Х. К. Џинот“ од Велес и Драмскиот театар „Н. О. Масалитинов“ од Пловдив, Р Бугарија, со копродукцискиот проект „Едвард II“; Новосадскиот театар со театарската претстава „Ана Каренина“, ансамблот на НОБ со балетот „Госпоѓиците од Авињон“…
Нивните креации, носени од далгите на Охридското Езеро, го направија возвишено и успешно 63. издание на фестивалот „Охридско лето“, а тоа го потврдија интересот и рекордната посетеност на гости од земјава, но и од: Англија, Франција, Србија, Шведска, Белгија, Австралија, Бразил, Израел, Грција, Црна Гора, Турција, Холандија…“, додаде таа.