Повеќе од 30.000 евра се собрани во акција што ја спроведе Друштвото од словенечки и македонски стопанственици за санирање на последиците што неодамна ја зафати Словенија. Парите веќе се исплатени кон неколку хуманитарни организации во Словенија.
– Како Друштво го покажавме нашето заедништво и хуманост при давањето поддршка кон нашите пријатели од Словенија. Ние сме хумана нација и секогаш излегуваме во пресрет. Секако, поддршката ќе продолжи и понатаму низ разни други форми. Во минатото нашите две земји меѓусебно се помагале и поддржувале. Сите се сеќаваме на неодамнешните пожари кои беснееа кај нас, а во чие гаснење се вклучија бројни доброволци од Словенија. Нашето пријателство ќе се развива и понатаму, а со надеж тоа што помалку да биде во пресрет на вакви немили настани, вели претседателот на Друштвото на словенечки и македонски стопанственици Војдан Јорданов.
Тој е задоволен од одѕивот и хуманитарноста на деловната заедница во земјава која се вклучи во оваа акција.
– Воедно им изразуваме благодарност на сите хумани компании, организации и граѓани кои се вклучија во акцијата, како и на Словенечката амбасада за поддршката, вели Јорданов.