Во Битола е зголемен бројот на запишани првоодделенци, лани се запишаа 783, а годинава 799, изјави градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски.
На свечености што се одржаа во ОУ „Д-р Трифун Пановски“ и ОУ „Коле Канински“, битолскиот градоначалник им посака успешна учебна година на сите ученици, особено на најмладите, првачињата, кои со возбуда го дочекаа првиот училиштен ден.
Верувајте, нема поубав момент за мене, за родителите и наставниците, да го започнете денот со најмладите. Сите училишта се подготвени за новата учебна година. Ќе кажам еден статистички податок, од бројот на пријавени и запишани, имаме 799 првачиња, а минатата година имавме 783, што значи дека Битола нема пад во однос на запишаните првачиња.
Бројот останува константен, што и не радува. Секогаш велам дека Битола има потенцијал, градот е жив и сите треба да се трудиме да помогнеме, секој во својот ресор, да овозможиме услови во овие тешки економски времиња за сите, да овозможиме воспитно-образовниот процес да се одвива како што треба. Овие моменти треба да се посветиме на враќање на семејството, на традиционалните вредности каде што децата треба да запомнат што е фамилија, што е училиште, бидејќи не е само образованието во прашање, туку и воспитниот процес во целост, истакна Коњановски.