Нобеловата фондација денеска објави дека ја повлекува својата намера да ги покани амбасадорите на Русија, Белорусија и Иран на церемонијата на доделување на Нобеловата награда во Стокхолм, по острите критики од шведските политичари, објави полската ТВП њуз.
Во објавеното соопштение, Нобеловата фондација признава дека „целосно ги разбира силните реакции кои ја засенија нивната одлука да се допре до што е можно поширока публика со вредностите што ги претставува Нобеловата награда“.
„Затоа, одборот одлучи да се врати на минатогодишниот исклучок – да не ги покани амбасадорите на Русија, Белорусија и Иран на церемонијата на доделување во Стокхолм“, се вели во соопштението.
Претседателот на Нобеловата фондација, Видар Хелгесен, во четвртокот најави дека ќе ги покани амбасадорите на Русија, Белорусија и Иран на церемонијата на доделување на Нобеловата награда за да им покажат на нивните претставници „колку се важни демократијата и човековите права“.
Овој гест предизвика остри реакции. Украинскиот амбасадор во Стокхолм, Андриј Плачотњук, вчера се закани дека ќе ја бојкотира церемонијата. Шведскиот премиер Улф Кристерсон ја критикуваше поканата и заедно со уште неколку високи шведски политичари се закани дека ќе ја бојкотираат церемонијата во Стокхолм доколку присуствува и рускиот амбасадор. Одлуката на Нобеловата фондација беше критикувана и од членовите на комитетите кои ја доделуваат Нобеловата награда.
На 10 декември во Стокхолм ќе бидат доделени Нобеловите награди за литература, медицина, физика, хемија и економија. Нобеловата награда за мир истиот ден ќе ја додели Норвешкиот Нобелов комитет во Осло.
Г. Т.