Руските незаконски „избори“ одржани во привремено окупираните територии на Украина нема да имаат никакви правни последици и нема да го променат статусот на украинските територии заземени од страна на руските војници, соопшти украинското МНР, јави дописникот на Укринформ.
Според Министерството, лажните „избори“ на Русија за локални окупаторски администрации во привремено окупираните територии сериозно го нарушуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, украинското законодавство и меѓународното право, имено Повелбата на Обединетите нации.
„Псевдоизборите во Русија во привремено окупираните области се безвредни. Тие нема да имаат никакви правни последици и нема да доведат до промена во статусот на украинските територии заземени од руската армија“, се вели во соопштението.
Министерството нагласи дека со лажни избори во украинските региони и Крим, Кремљ продолжува да го делегитимира рускиот законодавен систем.
Украинското Министерство за надворешни работи ги повика меѓународните партнери да ги осудат безвредните и произволни дејствија на Русија и да не ја признаваат легитимноста на која било „администрација“ што би била создадена како резултат на лажни „избори“, како и какви било одлуки донесени од нив.
„Сите инволвираани лица во овие псевдоизбори, вклучително и раководството на Руската Федерација, претставниците на окупационите администрации и изборните структури, мора да бидат изведени пред лицето на правдата. Ние ќе иницираме нови меѓународни санкции против нив“, нагласи Министерството.
За потсетување, Русија ги закажа таканаречените „избори“ за локалните окупациски администрации во привремено окупираните области на регионите Доњецк, Луганск, Запорижја и Херсон, како и на Автономната Република Крим и градот Севастопол, во периодот од 8 до 10 септември 2023 година.
М. П.
Извор: ЦИВИЛ Медиа