Пропагандата успева на тој начин што се повторува повеќепати низ повеќе канали и успева да убеди дел од населението, таа е успешна кога оперира со емоции, а не со рацио, и кога оперира со стравот како најсилна емоција, истакна Петрит Сарачини од Институтот за медиуми и аналитика ИМА во вчерашното гостување во „Вести плус“ на Канал 5 телевизија, коментирајќи го прашањето дали е поуспешен наративот на опозицијата за неприфаќање уставни измени „под бугарски диктат“, наспроти тој на власта дека мора да се отвори на Уставот и да продолжиме кон европските интеграции.
„Мислам дека таа пропаганда дека ќе се уништи македонскиот народ, дека ќе се уништи македонскиот јазик, Македонците ќе ги нема…е природно да има успех, особено кај дел од граѓаните, коишто не се толку вични во овие политички махинации или пропаганда коишто се случуваат“, смета Сарачини.
Во одговор на новинарското прашање за напишаните пораки со говор на омраза кон Македонците и повици за убиства кај мостот „Око“ и истакнувањето на картите со „голема Албанија“, тој истакна рече дека националистите секогаш ќе ја користат секоја прилика за да создадат нестабилност, да ги подријат институциите и довербата во нив.
„Токму затоа реков, ние треба да видиме од нашите институции консолидирана, стратешка реакција, не само врз национализмот, за којшто мислам дека е главната опасност за Македонија…За таквите работи, за повици на насилство и убиство, треба реагираат надлежните органи, да ги најдат сторителите“, посочи Сарачини.
Тој рече дека на Балканот, малите народи често имаат сништа за големи држави, наместо да имаат сништа за напредок и остварување на потребите на граѓаните. Според него, тоа е најчесто инструмент на политичките елити за да го оттргнат вниманието на граѓаните од реалните проблеми и да го насочат кон некаков надворешен или внатрешен непријател.
„Ние имавме такви случаи кај нас, ги гледаме и во соседството. Албанскиот национализам, македонскиот национализам, српскиот национализам, грчкиот, бугарскиот национализам – не се повторуваат, тие се постојано присутни, постојано е агресивно. Ние можеме да речеме само дека, фала богу, за разлика од пред неколку години и инциденти по автобуси, тепачки и така натаму, сега за среќа го немаме тоа. Но тоа не значи дека тие работи не може да се појават, и тука треба да реагира најжестоко државата“, смета Сарачини.
Преземено од: СМК.мк