Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска потпиша Меморандум за разбирање со Небојша Мојсоски, раководител на Активноста на УСАИД за млади кои активно создаваат можности во Република Северна Македонија.
Како што соопшти МТСП, Тренчевска воедно одржа средба со Кристофер Доџ в.д. директорот на УСАИД на канцеларијата за економски развој.
Министерството за труд и социјална политика заедно со УСАИД во моментот работи на промоција на мерките и програмите од Оперативниот план за активни мерки и програми од 2023 година со цел поголема вклученост на младите на пазарот на трудот.
Тренчевска истакна дека иднината на државата треба да се гради со млади лица кои се општествено вклучени и се активни на пазарот на трудот. Таа посочи дека подобрувањето на квалитетот на живот на младите е приоритет на работата на Министерството.
-Меморандумот што се потпиша помеѓу Министерството за труд и социјална политика и организацијата Унапредување на економиите за посилни заедници има за цел соработка во делот на активности коишто водат кон младинско учество, развој на вештини и вработување, поттикнувајќи ги младите да учествуваат во активните програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот (преку обуки, практикантство, можности за вработување и сл.) коишто се конкретно наменети за младите, како дел од Оперативен план и активните програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2023 година, се наведува во соопштението од МТСП.
На состанокот било дискутирано и прашањето за родовата еднаквост и поголема инклузија на лицата со попреченост како и нивното приклучување на пазарот на трудот. Било истакнато дека делокругот на активности и соработка може да биде проширен на овие две теми.