На маргините на Генералното собрание на Обединетите нации, в среда ќе се сретнат грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, што ќе биде втора нивна средба во период од два месеци, јави дописничката на МИА од Атина.
Следните чекори во грчко- турските односи по средбата на Мицотакис и Ердоган на НАТО Самитот во Вилнус во јули, ги договорија шефовите на двете дипломатии за време на разговорите минатата седмица.
Јоргос Герапетритис и Хакан Фидан по нивната средба во Анкара, изразија волја за дијалог, комуникација, за конструктивно решавање на проблемите и за понатамошна соработка и соопштија дека Мицотакис и Ердоган ќе се сретнат во Њујорк на маргините на Генералното Собрание на ОН,
Во октомври ќе започне политичкиот дијалогот на ниво на заменици министри за надворешни, по што ќе следат средби за мерките за градење доверба, но и разговори за позитивната агенда за соработка во туризмот, инвестициите, трговијата, поморството, климатската криза итн, а до крајот на годинава, по пауза од пет години ќе се свика во Солун Високиот совет меѓу двете земји.
Средбата на грчкиот премиер и турскиот претседател првично беше закажана за 18 септември, меѓутоа поради поплавите во Грција, Мицотакис ја промени програмата, за Њујорк ќе отпатува подоцна од планираното и со Ердоган ќе се сретне в среда.