Во првите осум месеци од годинава 1.000 жени во Хрватска се обратиле за помош во здружението Б.а.Б.е, а 426 се јавиле поради семејно насилство, истакна денеска водечкото хрватско здружение за заштита на женските и човековите права по повод 22 септември – Националниот ден на борба против насилство врз жените.
– Во повеќето случаи се работи за комбинирани облици на насилство. Корисничките најчесто се истовремено жртви на неколку различни форми на семејно насилство – психичко, физичко и економско насилство и не можеме да кажеме дека некои облици на насилство се позастапени од другите, истакнуваат од здружението Б.а.Б.е.
– Најмал е бројот на жртви кои ни пријавиле сексуално насилство, додека бројот на жртви на онлајн насилство енормно се зголемува, соопшти здружението.
Тие додаваат дека до септември нивната безбедна куќа обезбедувала сместување за 51 лице – 22 жени и 29 деца кои биле жртви на семејно насилство. Овие бројки приближно се совпаѓаат со бројот на жртви на насилство во изминатите години, а во текот на оваа година нема поголеми отстапувања во бројот на примени пријави.
Националниот Ден на борба против насилството врз жените во Хрватска се одбележува во спомен на Љиљана Хвалец, Гордана Орашкиќ и адвокатката Хајра Прохиќ, кои беа убиени во Општинскиот суд во Загреб на 22 септември 1999 година, како и на ранетата Станка Цветковиќ.