Либанското шиитско движење Хезболах денеска нападна три израелски воени позиции во знак на солидарност со палестинскиот народ, на што Израел одговори со артилериски оган и напад со беспилотно летало врз јужен Либан, пишува Ројтерс.
Прекуграничната престрелка започна еден ден по ненадејниот напад на палестински вооружени лица врз израелските градови во кој загинаа најмалку 250 Израелци, додека други 230 жители на Газа беа убиени во израелските одмазднички бомбардирања.
Хезболах, моќно движење поддржано од Иран, објави дека нападнало три позиции на фармата Шеба со наведувани проектили и артилерија „во знак на солидарност“ со палестинскиот народ.
Израелската армија денеска соопшти дека возвратила со прекуграничен минофрлачки оган во јужен Либан.
„Артилеријата на израелските одбранбени сили во моментов е насочена кон област во Либан од каде што беа лансирани ракетите“, се вели во соопштението.
Израелската војска соопшти дека еден од нејзините дронови погодил позиција на Хезболах во областа Хар Дов.
Израел ги држи фармите Шеба од 1967 година, површина од 39 квадратни километри, за кои Сирија и Либан тврдат дека му припаѓаат на Либан.
Мировната мисија на Обединетите нации во јужен Либан (УНИФИЛ) вчера соопшти дека го зајакнала своето присуство во јужен Либан по случувањата во Израел и Газа, вклучувајќи ги и операциите за спречување на ракетните лансирања.
Хезболах, кој ефективно го контролира јужен Либан, вчера соопшти дека е во „директен контакт“ со водачите на палестинските групи на отпорот и дека ги смета палестинските напади врз Израел „решителен одговор на континуираната израелска окупација и порака до оние што бараат нормализирање на ситуацијата во Израел“.
Вчера неколку илјади ракети беа истрелани од Појасот Газа кон Израел. Исламистичката група Хамас ја презеде одговорноста за нападот. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека неговата земја е во војна. Израел одговори со напад на Газа. Стотици луѓе се мртви, илјадници се повредени од двете страни.
Г. Т.