Министрите за одбрана на НАТО жестоко ги осудија неодбранливите напади на Хамас врз цивилите и повикаа на итно ослободување на сите заложници, при што голем број сојузници јасно ставија до знаење дека му даваат практична поддршка на Израел и прават се што е можно за да се заштитат нивните граѓани погодени од случувањата на теренот, изјави денеска генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.
– Сојузниците изразија солидарност со Израел, јасно посочувајќи дека тој има право да се брани пропорционално од овие неоправдани акти на терор, истакна Столтенберг на прес-конференцијата по завршувањето на дводневниот состанок на министрите за одбрана на НАТО во Брисел.
Сепак, според Столтенберг, како што се развива конфликтот „заштитата на цивилите добива суштинско значење“.
Тој информира дека на денешниот состанок израелскиот министер за одбрана Јоав Галант на своите колеги од НАТО им презентирал „шокирачки видеа“, што и ја предизвикало нивната жестока реакција и осуда на злосторствата извршени од припадници на Хамас.
– Ситуацијата на Блискиот Исток е предизвикувачка и секогаш постои ризик земји или организации непријателски настроени кон Израел да се обидат да ја искористат состојбата, на пример организации како што е Хезболах или земји како што е Иран, па нашата порака до нив е да не се обидуваат да ја користат сегашната ситуација, изјави Столтенберг, додавајќи дека САД распоредуваат дополнителни воени сили во регионот, кои ја следат ситуацијата.
Генералниот секретар на НАТО додаде дека министрите се осврнале и на мисиите и операциите на НАТО, пред се оние на Западниот Балкан и во Ирак.
– Како одговор на неодамнешните тензии во Косово, НАТО во последните недели распореди стотици дополнителни резервни сили во нашата мисија КФОР, а спроведуваме и повеќе патроли на северот на Косово. Ова се чекори на претпазливост за да се осигура дека КФОР ги има потенцијалите што му се потребни за непристрасно да го исполни својот мандат, изјави Столтенберг.
Тој нагласи дека Белград и Приштина мора да се однесуваат одговорно, да се воздржат од дестабилизирачки акт и да го обноват дијалогот со посредство на ЕУ, како единствен пат до траен мир во Косово.
Според Столтенберг, засега нема индикации дека мандатот на КФОР, кој е доделен од ОН, ќе биде променет и НАТО го зголеми своето присуство со дополнителни сили, пред се во северниот дел на Косово, со војници од Романија, Бугарија, Велика Британија и други земји.
– НАТО и ЕУ работат заедно. Зголеменото присуство на НАТО ги поддржува дипломатските и политичките напори на Европската Унија, додаде Столтенберг.
Во однос на Босна и Херцеговина, Столтенберг истакна дека НАТО продолжува да ја поддржува операцијата Алтеа предводена од ЕУ, која, како што рече, игра важна улога во регионалната стабилност.
Министрите разговарале и за состојбата во Ирак, при што е решено мисијата на НАТО во земјата да ја зголеми поддршката на ирачките безбедносни институции, за да им помогне да се спречи враќањето на џихадистичката група Исламска држава.
– Тероризмот останува најдиректната асиметрична закана за Алијансата. Така, денес можам да објавам дека помошникот генерален секретар Том Гофус ќе ми служи како специјален координатор за борба против тероризмот. Тој ќе се погрижи одговорот на НАТО на тероризмот да остане силен, ефективен и кохерентен, додаде Столтенберг.
Тој информира дека министрите осврнаа и на напредокот во напорите во зајакнување на одбраната на НАТО согласно одлуките од Самитот во Вилнус во јули годинава за обезбедување на потребните воени сили, развивање на нови способности и прилагодување на командните и контролните структури на новите предизвици.
– Војната на Русија против Украина е потсетник на важната улога на нуклеарното оружје на НАТО во одвраќањето на агресијата. Следната недела НАТО ќе ја одржи годишната нуклеарна вежба „ „Непоколебливо пладне“. Ова е рутински тренинг што се одржува секој октомври. Оваа година обуката ќе се одвива над Италија, Хрватска и Средоземното Море, истакна Столтенберг, додавајќи дека вежбите ќе помогнат да се обезбеди кредибилитет, ефективност и безбедност на нуклеарно одвраќање и ќе се испрати јасна порака дека НАТО ќе ги штити и брани сите сојузници.
Министрите се осврнале и на штетите на критичната подводна инфраструктура во Балтичкото Море и изразиле солидарност со Естонија и Финска додека водат истрага за утврдување на фактите за тоа што го предизвикало инцидентот.
– Доколку се докаже дека ова е намерен напад на критичната инфраструктура, тоа би бил сериозен инцидент и би резултирал со обединет и решителен одговор, додаде Столтенберг.
Тој нагласи дека побарал и да продолжи процесот на ратификацијата на договорот за пристапувањето на Шведска во НАТО и да се финализираа нејзиното членство.
– Министрите изразија поддршка за побрза ратификација на членство на Шведска и упатија повик до оние сојузници кои се уште не го сториле тоа, да го направат што е можно побрзо, изјави Столтенберг, додавајќи дека досега пристапниот договор на Шведска во НАТО е ратификуван од 29 од 31-та членка на Алијасната.
Тој истакна дека и турскиот министер јасно истакнал дека Турција стои зад преземените обврски договорени на Самитот во Вилнус за поддршка на членството на Шведска и сега се очекува Владата во Анкара да го достави протоколот за членство до Собранието и ќе се заложи за негова брза ратификација.
Според него, сепак и покрај тоа Шведска се уште не е полноправна членка на НАТО таа во голема мерка е вклучена и во политичките и воените структури и активностите на Алијансата, онолку колку што дозволува нејзиниот сегашен статус.