По 2.500 денари за секое прваче e обезбедено од буџетот во општина Кавадарци. Секретарот на Општината, Тодор Ефремов потсети дека станува збор за одлука на кавадаречкиот општински Совет, со која се докажува дека Општината води сметка за сите свои сограѓани и особено за најмладите, кои се нашата иднина.
– Ова е скромна сума за семејствата на секое прваче запишани во учебната 2023 – 2024 година, но е значајно, бидејќи со тоа докажуваме дека сме помислиле на првачињата, посакувајќи им среќна и успешна учебна година, нагласи денеска Ефремов за МИА.
Тој додаде дека по оваа основа, нешто што се реализира по вторпат, од локалниот буџет се исплатени вкупно 857.500 денари, на сметките на родителите на секое од децата. Се работи за вкупно 343 првачиња.