Пишува: ЕЛИ ПЕШЕВА
Како човек кој целиот свој живот го поминал на лудиот, непредвидлив Балкан и околината, без јасни правила, одговорности, каде секоја следна фаза од животот те допроверува до кај си со паметот и нервите, Јапонија ми дојде како некој наеднаш да стисна OFF. Толку ослободувачки, ненаметливо, организирано, знаеш по која лента се движиш и што се очекува од тебе. Сѐ што ние никад нема да го доживееме дома.
* чисто, чисто, неверојатно чисто. Едно хартивче нема на улица, по некое ливче од дрво и тоа веднаш го собираат. Нема ни корпи за отпад, се подразбира дека ѓубрето си го носиш дома и таму го рециклираш. Видов човек, хигиеничар кој со пинцета, (онаква како оние за фаќање плескавица во Дебар маалски кафани), го подигна едното ѓубренце во токиското метро, веројатно некому испаднато од џеб. Какви метли, какви дувалки што дигаат прашина.
So last century
* сите се во метро, млади и стари, богати и не толку богати. Растојанијата се огромни, метрото е неверојатно добро организирано и никој не седнува во кола за да заглави со саати стоејќи на семафори. Се чудев зошто сите спијат во метро, после два дена, ете ме ко кукла на батерии, седни – заспиј. И чудо секогаш се будиш на вистинската станица
* нема галама, нема свирење од коли, нема дерење. Јапонците се артикулирани и љубезни, нема да повишат тон, со насмевка и пеење ќе ти укажат ако нешто не е како што треба, внимавајќи да не те навредат (а би требало да се навредиш, бидејќи укажување дека си прекршил некое правило е како некое сожалување дека не си баш многу паметен да сфатиш како треба да се однесуваш)
* класична, ненападна музика ве следи на улица, пешачки зони, во редици (секаде ги има, на растојание од 1 метар, никој не се турка и не влегува преку ред, експедитивни се и брзо се завршува работа), во метро, во јавни тоалети. Музиката смирува и фокусира, проверете си
* Кјото е прекрасно традиционален, присвојувајќи ги бенефитите од модерното време, а Токио е вибрантна, модерна метропола, која не те гуши, која е ултра футуристичка, модерна и ефикасна, а притоа го задржува целиот свој шарм и посебност.
Пак ќе кажам, Јапонија и Јапонците се паралелен универзум кој мора да се доживее барем еднаш во животот.
И додека и кажувам по телефон од што сум фасцинирана, ќерка ми ми рече, досадно ми звучи само што те слушам. Ама на овие (мои) години, досадно = организирано. И убаво е секој да си ја знае својата улога, и државата, и општината и индивидуалецот.
Ама па тоа е држава која решила дека два века ќе си седи сама, никој не и треба, и престанале да се макљаат меѓу себе, измислиле игри, сумо, манга, свашта нешто… се едуцирале и навежбале правила. И сега они се на 9 ниво во иднината, а ние уште гледаме во ливчето со правила и со дерење меѓу себе си викаме аааа, е не може вака, што има тука за мене?