Мачеј Качоровски, нашиот дипломат и вршител на работи во Амбасадата во Тел Авив е херојот на евакуацијата на нашите државјани од Израел, напиша министерот за надворешни работи Бујар Османи на својот профил на Фејсбук.
Според него, Качоровски одиграл клучна улога во извлекувањето на нашите државјани преку различни транспортни рути, неуморно координирајќи го целокупниот процес од почетокот па сѐ до нивното безбедно враќање во Северна Македонија.
Тој изрази благодарност и за активностите на Кризниот штаб во МНР и нашата дипломатско-конзуларна мрежа кои придонесоа за успешна финализација на евакуацијата, за нивниот континуиран ангажман и посветена работа за интересот и безбедноста на нашите граѓани во отежнати и воени услови.
Претходно Владата соопшти дека заедно со Министерството за надворешни работи внимателно ги следат случувањата во Израел и се во постојана комуникација со македонската амбасада во Тел Авив, а преостанатите 67 македонски државјани кои побараа помош за излез од Израел стигнаа безбедно во Скопје благодарение на чартер летот организиран од Владата и по напорите на премиерот Димитар Ковачевски во директен контакт со премиерката на Србија, Ана Брнабиќ да се најде решение за предизвикот за обезбедување чартер лет за граѓаните од регионот.
Освен македонските граѓани, со чартер летот организиран и платен од Владата на Република Северна Македонија се обезбеди трансфер и за седум албански, седум црногорски и тројца бугарски државјани.