Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ го осуди синоќешниот терористички напад во Брисел, во кој беа убиени двајца шведски државјани.
-Најостро го осудувам синоќешниот безумен и грозоморен напад во Брисел, во кој загинаа две лица, а едно лице беше рането.
Срцето на Европа е повторно мета на тероризам и радикализам што претставува директен напад врз европските и демократски вредности на Европа, врз нејзиниот мир и безбедност, напиша Маричиќ на Фејсбук страницата.
Наведе дека „стоиме заедно со нашите европски партнери, обединети во борбата против тероризмот и сите оние кои се обидуваат да дестабилизираат и да предизвикуваат немир меѓу граѓаните“.
Во овие моменти, додава тој, мора да покажеме сила и единство во обезбедувањето на мир на стариот континент и надминувањето на безбедносните предизвици со кои се соочуваме.
-Од досегашната комуникација со Постојаната мисија на Република Северна Македонија при Европска Унија во Брисел, сѐ е во најдобар ред со македонската делегација која го следи тридневниот билатерален скрининг за Поглавје 11, „Земјоделство и рурален развој“, наведува Маричиќ во објавата на Фејсбук.