Премиерот Димитар Ковачевски во рамки на неговото учество на Самитот на лидери на Берлински процес, што се одржува во Тирана оствари средба со Канцеларот на Сојузна Република Германија, Олаф Шолц.
Од германскиот канцелар Олаф Шолц, и од СР Германија, Северна Македонија уште еднаш доби силно охрабрување и поддршка за реализација на следниот чекор на зацртаниот пат кон пристапувањето во ЕУ – носењето на значајните одлуки кои ги имаме пред нас. Напорите на Владата на Република Северна Македонија за продолжување на евроинтеграцискиот процес беа поздравени и препознаени како позитивен исчекор и напредок во исполнувањето на критериумите за пристапување. Исклучително е важно Северна Македонија да го продолжи европскиот пат и земјата да постигне консензус за стратешките прашања кои се од интерес на граѓаните.
Премиерот Ковачевски истакна дека не смееме да ја пропуштиме оваа неповторлива шанса која ја имаме, и треба да го дадеме нашиот глас за Европа. Потенцираше дека на Северна Македонија ѝ е потребна интеграција, а не изолација и дека гласот во парламентот за уставните измени е глас за европската иднина на Северна Македонија.
Премиерот Ковачевски изрази благодарност за досегашната принципиелна поддршка и посветеност од Германија како еден од нашите најблиски сојузници, како во процесот на пристапните преговори, така и преку Берлински процес како катализатор на регионалната соработка, чија цел е ги поврзе земјите од Западен Балкан и Европската Унија и да помогне да градат меѓусебни односи врз основа на европските вредности. Лидерите разговараа и за конкретните придобивки од Берлинскиот процес преку кој ќе се продолжи и со подигнување на нивото на политичка соработка, што за Северна Македонија и регионот претставува многу значаен елемент на патот кон евроинтеграциите.