Министерството за градежништво, транспорт и инфраструктура на Србија денеска во Пекинг потпиша три комерцијални договори со кинески компании за изградба на речиси 300 километри нови патишта во Србија и купување пет кинески брзи возови, чија вкупна вредност е близу четири милијарди евра.
Министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура Горан Весиќ изјави дека првиот договор се однесува на брзата сообраќајница „Насмевката на Војводина“ (околу 200 км), објавено е на веб-страницата на Владата на Србија.
„ Тоа ќе биде многу важен пат што ќе ги поврзува не само северот на Србија, туку и Унгарија и Романија“, рече тој.
Министерот посочи дека работите ќе почнат во следниот месец
Весиќ објасни дека вториот потпишан договор се однесува на изградбата на автопатот меѓу Белград, Зрењанин и Нови Сад, што ќе биде долг 105 километри и се очекува работите да почнат следната година.
Министерот додаде дека третиот потпишан договор се однесува на купување на пет кинески брзи возови, додавајќи дека Србија добила пет воза за 54 милиони евра. Како што истакна, тоа значи дека „сега ќе имаме брзи возови кои ќе сообраќаат на пругата Белград-Будимпешта“, пренесе Бета.
„Некои од нив ќе бидат во функција на почетокот на 2025 година, а до крајот на 2024 година ќе го завршиме нашиот дел од брзата пруга до Суботица, а веќе во 2025 година, по тестирањето на пругата, ќе имаме брз воз од Белград до Суботица“.