„Во 2023 година според Светската туристичка организација, 35 илјади наши граѓани се вработени во туризмот и угостителството. Тоа се 4 до 5 проценти од вкупниот број на вработени. Ако во 2013 година 0,4 отсто од БДП бил туризмот, во 2018 тој процент бил 1,8, веќе во 2022 година туризмот учествува со 3,6 отсто“ рече директорот на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот, Љупчо Јаневски на трибината „Ние сме Европа“ во Охрид.
Тој додаде дека ако во 2018 година за некој звучело како научна фантастика дека ќе имаме половина милијарда долари приходи од туризмот, во 2023 година тоа станува реалност.
„Резултатите од првата половина на годинава покажуваат дека имаме 41 отсто повеќе приходи од 2019 година, односно 229 милиони долари во нашата економија“ рече Јаневски.
Директорот на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот додаде дека до август имало 2,5 милиони ноќевања во земјава и дека се очекува до крајот на годината да биде остварена проектираната бројка од 3,3 милиони.