Пишува: СОЊА ТАНЕСКА
Осмото издание во натпреварувачката програма МФФ Киненова носи осум драгоцени филмски стории на дебитанти и перспективни автори кои ги рушат стереотипите на воздржаност и одважно и вртоглаво се втурнуваат во вителот на актуелното, горливото, ранливото, убавото, грдото и доброто, одмаздољубивото и рамнодушното, тажното и среќното, она што ни е на дофат, и во она што е далеку од нас, во трансцендентното и во суровото реално.
Но, сепак, прес конференцијата на 6 октомври, директорот на Фестивалот, Небојша Јовановиќ, претставувајќи ја програмата, го соопшти годинешниот добитник на наградата за особен придонес во филмската уметност, српскиот актер, Бранислав Лечиќ.
На прашање на Градска.мк, дали за организаторите не е спорно тоа што за Лечиќ се водеа судски процеси за силување на своја колешка во Србија, а обвинението беше повлечено под нејасни околности, Јовановиќ рече:
-Ние доделуваме награда за особен придонес во филмската уметност, а не му судиме на актерот Лечиќ. Дополнително, процесот на неговото доаѓање беше договорен уште од 2018 година, еднаш го одложивме, но сега повторно го поканивме, бидејќи е навистина квалитетен автор.
На дополнително прашање, дали Јовановиќ смета дека на овој начин „Киненова“ помислува какво чувство оваа награда за актерот Лечиќ ќе предизвика кај жените, тој одговори дека на програмата има многу филмови кои ќе придонесат кон борбата против насилството врз жените и секако нивна заштита.
На прес-конференцијата присуствуваше и режисерката на „Преекспонирано“, Елеонора Венинова.
Таа рече дека не ја поддржува одлуката на „Киненова“, Лечиќ да ја добие оваа награда, бидејќи како жена смета дека општеството најчесто се става во заштита на мажот и токму затоа многу пријавени случаи за силување прекинуваат со процесите под неразјаснети околности, поради страв и закани кон жртвите.
Извор: Градска.мк