Израелската армија синоќа повторно испрати тенкови и војници во Појасот Газа за да нападнат оперативци и цели на исламскиот екстремистички Хамас, движењето кое од 2007 година е на власт во оваа палестинска енклава.
ИДФ, соопшти дека во рацијата, што се изведува втора ноќ по ред, во близина на населбата Шуџаи, во источниот дел на Газа, учествуваат пешадиски единици, оклопни и други единици со поддршка на беспилотни летала и борбени хеликоптери.
Извршени се артилериски и воздушни напади врз цели на Хамас, вклучувајќи и локации за лансирање на противтенковски наведувани ракети и командни центри, соопшти израелската армија.
По неколку часа интервенции сите припадници на израелските сили се вратени на израелска територија и нема повредени или загинати војници.
Овие рации, најавуваат од израелскиот воен и државен врв, се претходница на пошироката копнена офанзива.
Портпаролот на израелската војска Даниел Хагари синоќа изјави дека копнените упади ќе продолжат додека се подготвуваат следните фази од војната против Хамас.
Тој кажа дека израелската армија продолжува да ја напаѓа Газа од воздух и од море и е фокусирана на убивањето високи команданти на Хамас и уништување на инфраструктурата на организацијата.
Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант изјави дека дошле „одлучувачки моменти“ и дека се војува за сопствениот дом и дека победата ќе биде извојувана, објавија израелските медиуми.
-Ќе дојдат и дополнителните чекори во војната, сега ги создаваме условите и нив ќе ги спроведеме, рече Галант и изјави дека ќе се направат „врвни напори“ да се вратат повеќе од 200 заложници кои се во заложништво на екстремистите.
Од 7 октомври и нападот на Хамас врз Израел досега се загинати на 7.000 лица во Газа, вклучувајќи и речиси 3.000 деца, како и над 1.400 лица во Израел.