Пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ
Сакам, сакам
ќе ги погледам децата
и ќе бидам задоволен со она што го гледам
Станавте луѓе
Моето време помина
Ќе живеам низ вас
Александар Станковиќ, („Депра“, 2023, Лагуна, Белград)
*
Во овој текст ќе се позанимаваме со Хрватскиот новинар на ХР(Т) телевизија, Александар Станковиќ. Некој може да праша, а зошто би ни бил важен некаков новинар во нашите животи? Па, прво затоа што ретко кој не знае дека Станковиќ напиша и објави книга со наслов „Депра“ (или „Од своја кожа“), и второ, бидејќи сум „пасиониран читател“ (или пак себе се убедувам дека сум тоа?), па би сакал (а штом сакам, значи дека се работи за лична и слободна волја!) да го споделам моето искуство со неговата книга. Станковиќ не е важен во нашите животи, ама важна е темата која ја обработи, поточно важни се неговите депресивни состојби низ кои поминувал последните 14 години.
Прво, вреди да се каже, новинарството во својата суштина почива на негативни вести, оттука, ако премногу долго се занимавате со новинарска професија, не е невозможно да развиете некоја подврста на депресија. Се разбира, со оваа констатација јас генерализирам, оти не значи дека и поради некоја друга професија вие нема да заболите од истата болест. Ќе заболите, без разлика на вашата материјална состојба или социјален статус во општеството.
„Депресија е кога три месеци чекаш за 15 минути да ти биде подобро. Тоа не е тага заради несреќна љубов, ниту лошо расположение заради некакви глупости. Депресијата е потреба да излезеш од својата кожа“, вели Станковиќ во својата книга.
Кога ги прочитав овие зборови, ми беше јасно како ден: јули, 2013 година, седам во дворот, релативно прибран, да не речам „спокоен“, и наеднаш… Мислам дека срцето ќе ми скокнеше од градите; почувствував неверојатни сензации во мојата глава, некаков аларм на узбуна се уклучи во мојот мозок. Добив силна потреба да станам и почнам да бегам. Не побегнав, ами почнав забрзано да се движам. Во студиите на Џордан Питерсон, многу подоцна, разбрав дека тие мои „душевни состојби“ предизвикале „акатизија“. После неколку денови посета на психолог, а и посета на психијатар, констатирани ми се напади на паника и анксиозност. Се разбира, докторите ми препорачаа активен спорт, драстично намалување на храна зачестена со јаглехидрати, и на крај – неизбежна фармакологија.
„Секој чин на живот, од утринската четка за заби до пријателите на вечера, стана напорно. Ги мразев ноќите кога не можев да заспијам, и го мразев денот затоа што одеше према ноќта“, пишуваше Ф. Скот Фицџералд.
Најважно од сè, барем кога ќе стигнете до стадиум да ги освестите овие проблеми во себе, треба да се побара помош кај психијатар и да се добие адекватна терапија. Александар Станковиќ вели дека имал среќа, затоа што порано се интересирал за психологија и препознал за што станува збор. Ама нема да оди така „мазно“ кај секој маж; нема да оди така „мазно“ и кај секоја жена.
На интернет може да најдете општи и конкретни анкети, а богами и примери, во кои луѓето не сакаат да зборуваат за депресијата. Најчестите одговори на луѓето се: научив дека ќе се борам со неа; не сакам никого да го оптеретувам со моите проблеми; премногу ми е срам да зборувам за тоа; не можам да си признам на себе дека ми е потребна помош; постои негативна стигма околу тоа; не сакам да делувам дека сум слабушко; итн. итн.
Мојот најомилен американски писател, Џером Селинџер, велеше дека кога бил депресивен, не можел никако да размислува. Го знаете оној коментар: „брат, олабај, што си ја капеш главата со глупости, не се замарај, бе, брат“? Е, тоа може да значи дека сте во депресија, само што таквите ваши состојби не ви се освестени. Мислам, океј, разбирам, да се олабавиш, ама како може некој да не се заморува со ништо, тоа никако не можам да го разберам. Слични депресивци на Станковиќ, Селинџер и Фрцџералд, се и’ Леонард Коен, Николас Кејџ, едниот многу плачел, а вториот велеше дека неговата поетика не е „блуз“, туку бес на неговото срце и дух.
Разни психолози велат дека е важно сите заедно да работиме на разбивање на стигмата и нормализација на ранливоста на луѓето од оваа гадна болест. Важно е да се јакне сочувството и поврзаноста меѓу луѓето – да ги приметуваме луѓето (и мажи и жени) во нашата околина и од време на време да ги прашаме „како си“. Да бидеме личности кои на другите ќе им дадат доверба дека може да ни се обратат и да го споделат со нас тоа што ги мачи. Исто така е важно понекогаш и сами да си речеме „како си“, затоа што така го освестуваме проблемот.
Мене, да речеме, од 2013 година, кога освестив дека имам проблем со напади на паника и анксиозност, почнав сериозно да читам важни книги. Тоа ми го направи животот попријатен, затоа што ги поттикнав сопствените вредности на некое друго ниво од вообичаено; литературата и пишувањето ме оттргнаа од кафани и алкохол, и така на својот живот му давам (до ден денешен) некоја поубава и посмислена нота. Кога не би бил во состојба да читам и пишувам, не би знаел што да правам со себе. Би се чувствувал неверојатно несреќно и очајно.
Сепак, ова до сега се препораки кои јас ви ги запишувам на „лист од хартија“, поточно ви ги пишувам најискрено и најфер што можам и умеам. Исто така важно е да ги вреднуваме своите дострели, ресури и сила, важно е да си ја пронајдеме сами смислата на живот и не мора да бидеме во некој голем и „грандиозен свет“, туку да ги пронајдеме нашите рутини во оние ситни активности кои секојдневно ги правиме. Некогаш најдобриот совет е оној што ни вели: „Направи нешто мало и различно од било кога порано. Направи го. Ќе вреди“. Мене, да бидам искрен, овие дефиниции ми помогнаа, не велам дека и на други ќе им помогнат. Не велам ниту дека го имам клучот. Не, никогаш не сум го ни имал; во основа, имам премногу брави, а премалку клучеви. Читање добра литертура, спортување и фармакологија, мислам дека тука е спасот од оваа чума која планира да го поклопи светот во 21-от век.
И секако, читајте го Александар Станковиќ во нoвата книга „Депра“, нема да зажалите. Овој човек, покрај тоа што изгледа неверојатно силен, очигледно има појачан кортизол во себе, е ранлив и неверојатно емотивен. Отсекогаш сум сакал емотивни, паметни и чувствителни мажи. Убаво е кога ќе се види сензитивен и артикулиран маж. Се разбира, убаво е кога ќе се види сензитивна и чувствителна жена. Убаво е да се биде во такво друштво, ако ме разбирате што сакам да ви кажам. Како лек за душа и срце, па макар и на проклети 15 минути.
Текстот е личен став на Авторот. Дозволено е преземање на текстот според лиценцата Creative Commons 4.0 / Извор: Frontline