„После долги години во Лондон повторно се изучува македонскиот јазик на Универзитетескиот колеџ во формат кој е соодветен за слушателите. Ја искористив посетата на Обединетото Кралство за разговор со директорот на овој кочеџ за курсот да го унапредиме во задолжителен или изборен предмет“ рече министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска во утринската програма на МТВ.
Таа додаде дека Министерството за култура донирало книги, а од професорката Зафировска ѝ било кажано дека курсот го посетуваат три групи, со три различни нивоа.
„Тоа не се само луѓе кои живеат таму и имаат потекло од Македонија, туку и поранешни дипломати кои имаат желба да го зачуваат македонскиот јазик“ рече Костадиновска- Стојчевска.
Министерката додаде дека културата е голем амбасадор и точка за поврзување меѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство и кажа дека на 10 ноември во рамките на женски филмски фестивал ќе биде прикажана „Медена земја“, додека на 20 ноември ќе се прикажува филмот „Кајмак“.