Работната група за спроведување реформи во изборното законодавство денеска ја одржува третата седница на која се разгледува работната верзија од изборниот законик.
„Измените на Изборниот законик се готови и доставени се кај сите пред три недели, денеска треба да се усвојат тие согласно Деловникот, а се однесуваат околу финансирање на политичките партии, заштита на избирачко право, медиумското претставување, меѓутоа оваа работна група имаше мандат само за препораките на ОБСЕ/ОДИХР“, вели Александар Новаковски, претседателот на работната група за спроведување реформи во изборното законодавство.
Тој додаде дека има доволно време за имплементација на измените на Изборниот законик, до одржување на изборите.
„Ние не знаеме што ќе договорат политичките партии, дали заеднички или посебни избори, мислем дека сме на прав момент, сега топката е кај Собранието“, истакна Новакоски.
Работна група за реформи во изборното законодавство беше конституирана на крајот на април годинава, со задача да ги имплементира препораките на ОБСЕ/ОДИХР и да работи на нов изборен законик. Во нејзиниот состав има претставници на невладините организации и од политичките партии СДСМ, ДУИ, Алијанса на Албанците, БЕСА, Алтернатива, Левица и Демократски сојуз, додека ВМРО-ДПМНЕ не делегираше свој претставник.
ЦИВИЛ е дел од процесот и еден дел од долгогодишните напори и препораки на организацијата се вградени во новите измени во Изборниот законик.
Заменик-министерката за правда, Викторија Аврамовска Мадиќ, вели дека овој Изборен законик се носи со политички консензус и дека неприсуството на опозицијата на работните групи (иако им било понудено и претседателското место) не значи дека нема да бидат кооперативни.
Таа не ги коментираше ставови и одлуки на судовите бидејќи тоа е мешање на извршната во судската власт, вели Мадиќ во врска со изјавата за притисоци на претседателката на Врховен суд, Беса Адеми, и постапувањето на Судскиот совет.
Д.М. / Цивил Медиа
камера и монтажа: Ариан Мехмети