Додека Јутјуб ги заострува ограничувањата на блокаторите на реклами, поборниците за заштита на приватноста во ЕУ тврдат дека европските закони може да ги сопрат овие обиди на платформата.
Јутјуб во јуни започна да го тестира блокирањето на таканаречените „ад-блокери“, за подоцна да ги зголеми ваквите напори. Тоа значи дека повеќе корисници со овозможени блокатори на реклами во своите прелистувачи не можат да гледаат видеа на платформата. Наместо да го прикажува видеото, кај овие корисници Јутјуб прикажува известување што ги тера гледачите или да ги дозволат рекламите или да се претплатат на Јутјуб Премиум.
Во октомври, експертот за приватност Александар Ханф поднел жалба до ирската Комисија за заштита на податоци, објави „Врџ“. Ханф тврди дека системот за откривање блокатори на реклами на Јутјуб претставува прекршување на приватноста и дека истото е незаконско.
„Скриптите за откривање на ‘ад-блокерите’ се шпионски софтвер, не постои друг начин да се опишат и како такви не е прифатливо да се распоредуваат без согласност“, изјавил Ханф за „Врџ“.
Борбата против откривањето на ад-блокерите не е ништо ново, но сегашниот глобален напор на Јутјуб да ги детектира, го обнови интересот за оваа тема.
Веб-страниците како Јутјуб може да ги детектираат блокаторите на реклами преку преземање на „JavaScript“ код кој проверува дали нешто на страницата се сменило или преку откривање кога се блокирани елементите потребни за вчитување на рекламата, пишува Њујорк Тајмс.
Овој потег не помина добро кај корисниците и поборниците за заштита на приватноста. Извештај на „Wired“ (Вајрд) открива дека луѓето инсталираат и деинсталираат блокатори со рекордно темпо, барајќи такви што не се засегнати од ограничувањата на Јутјуб. Платформата, во меѓувреме, тврди дека блокаторите на реклами ги прекршуваат условите за користење и ги спречуваат креаторите на содржини да заработуваат од реклами.
Ханф вели дека освен што напорите на Јутјуб го прекршуваат членот од Директивата на ЕУ за е-приватност, го прекршуваат и основното право на приватност според Универзалната декларација за човекови права и други конвенции.
„Гугл“, кој стои зад Јутјуб, ги негира обвинувањата.
Ако Европската комисија утврди дека системот за откривање на ад-блокерите ја прекршува Директивата за е-приватност, може да го казни Јутјуб со парична казна и да го принуди да ја промени функцијата.
Извор: Мета.мк