Левица се навреди откако руската амбасада во земјава реагирала дека Северна Македонија гласаше исто како земјите-членки на Европската унија, односно против резолуција што секоја година ја предлага Русија како наводно голем „борец против фашизмот и нацизмот“.
Дел од македонските медиуми некритички го споделија манипулативното соопштение на Левица, во кое „изоставија“ да објаснат за каква резолуција всушност се работи.
Имено, на 3 ноември 2023 година, Генералното собрание во ООН, со 112 гласови „ЗА“, ја усвои нацрт-Резолуција за ,,Борба против глорификација на нацизмот, неонацизмот и другите практики кои придонесуваат за поттикнување на современите форми на расизам, расна дискриминација, ксенофобија и нетолеранција“, предложена од Русија, Белорусија и Сирија.
Земјите-членки на Европската унија гласаа против резолуцијата L.7, меѓу кои и нашата држава. Од регионот „ЗА“ гласаше само Србија.
Политичката партија „Левица“ (докажани лојални подржувачи на Русија), лиферуваа манипулативно соопштение до медиумите во кое посочија дека претставникот на Северна Македонија во ООН – Љубомир Фрчковски гласаше „против“ оваа резолуција, без да ги наведат причините, ниту предлагачите на резолуцијата. Меѓутоа, реакцијата на Левица уследи откако руската амбасада објави дека нашата земја е меѓу државите кои гласаа против.
Од Европската унија за гласањето на 78-та сесија на Третиот комитет на Генералното собрание на Обединетите нации, ги објаснуваат причините зошто земјите-членки на ЕУ гласаа против резолуцијата L.7, бидејќи Руската Федерација продолжува да ги злоупотребува форумите на ОН за ширење на лажни наративи за нејзината незаконска и неоправдана агресивна војна против Украина.
„Нашата заедничка борба против современите облици на екстремистички и тоталитарни идеологии, вклучително и неонацизмот, е и останува клучен приоритет. ЕУ цврсто стои против сите форми на антисемитизам, кој е некомпатибилен со основните вредности и принципи на кои е основана ЕУ.
Силно ја осудуваме политички мотивираната злоупотреба на наративот на антинацизмот и недвосмислено ја отфрламе неточната и несоодветна употреба на терминот „денацификација“ за да се оправда руската нехумана, сурова и незаконска агресивна војна против Украина, чии континуирани влијанија се страшни. не само за народот на Украина, туку и за луѓето ширум светот.
Под лажниот изговор дека се бори против нацизмот, Русија ги врати ужасите на војната во Европа“, велат од ЕУ.
Од ЕУ додаваат дека не треба да има сомнеж дека унијата е целосно посветена на глобалната борба против расизмот, расната дискриминација, ксенофобијата, антисемитизмот и антимуслиманската омраза.
„Прашањата за растечкиот глобален неонацизам, насилниот екстремизам и расизмот, вклучително и антисемитизмот и антимуслиманската омраза заслужуваат значајна и конструктивна дискусија. Поентата на оваа резолуција е токму да не се бара компромис. Тоа е да сее поделба и да се користи платформата на Третиот комитет наменет за дезинформации“, велат од ЕУ.
Исто така, Левица во обид да добие и некои ситни политички поени, манипулира и не кажува зошто всушност Фрчковски, односно Северна Македонија претходно гласаше „воздржан“ за Резолуцијата предложена од Јордан во која се повикуваше на заштита на цивилите и почитување на правните и хуманитарни обврски во однос на израелско-палестинскиот конфликт, каде безброј невини жртви, цивили, жени и деца се жртви на агресијата од вооружените сили на Израел.
Премиерот Димитар Ковачевски истакна дека одлуката за гласање воопшто не била лесна, но дека поради недостатоците во јорданската резолуција се одлучиле да го поддржат канадскиот амандман на тој документ, кој не бил прифатен пред финалното гласање за резолуцијата.
„Одлучивме да гласаме воздржано затоа што резолуцијата од една страна ги адресира хуманитарните прашања кои ги поддржуваме и се согласуваме, но отсуството да се спомне Хамас и тоа што го направи не остава простор за поинаков пристап во однос на гласањето“, изјави Ковачевски.
Инаку, за Резолуцијата: ,,Борба против глорификација на нацизмот, неонацизмот и другите практики кои придонесуваат за поттикнување на современите форми на расизам, расна дискриминација, ксенофобија и нетолеранција“, предложена од Русија, Белорусија и Сирија, гласаа 112 земји, 50 беа против, а 14 воздржани.
Северна Македонија како членка на НАТО и земја кандидат за членство во ЕУ ги следи политиките на Брисел, и одбра да биде во друштво со САД, Канада, Украина, Велика Британија, Германија, Франција, Италија, Шпанија, Полска, Естонија, Латвија, Литванија, Австрија, Албанија, Белгија, Бугарија, Данска, Грција, Кипар, Холандија, Португалија, Романија, Словачка, Словенија, Финска , Хрватска, Чешка, Шведска, Австралија, Јапонија, Андора, Босна и Херцеговина, Унгарија, Грузија, Нов Зеланд, Исланд, Ирска, Кирибати, Либерија, Лихтенштајн, Луксембург, Малта, Норвешка, Сан Марино, Северна Македонија, Монако, Молдавија , Маршалските Острови, Микронезија и Црна Гора.
Меѓу земјите кои ја подржаа резолуцијата на Русија, Белорусија и Сирија се и Израел, Турција, Сомалија, Иран, Мексико, Арапските Емирати, Саудиска Арабија, Сенегал, Србија, дел од поранешните советски републики…
Ова е уште еден неуспешен обид на проруските и антизападни партии како што е Левица, нашата држава да ја престават погрешно како наводен подржувач на фашизмот, нацизмот, ксенофобијата, што е сосема спротивно на вредностите за што се залага.
ЦМТ / Цивил Медиа