Премиерот Димитар Ковачевски, заедно со министерот за финансии, Фатмир Бесими, денеска остварија средба со делегација од Меѓународниот монетарен фонд предводена од шефот на мисијата на ММФ за Република Северна Македонија, Жак Миниан, новиот шеф на мисијата за Република Северна Македонија, Анет Кубе, алтернативниот извршен директор на Мисијата, Лук Дресе.
Досегашната соработка на Република Северна Македонија со ММФ беше во фокусот на денешната средба, каде заеднички беа потврдени заложбите на двете страни, соработката да продолжи и во иднина.
Премиерот Ковачевски, во име на Владата, се заблагодари што ММФ ги препознава и поддржува владините економски политики и за континуираната поддршка на земјава, со која оваа меѓународна финансиска институција има значителен придонес во зајакнувањето на политиките и усогласувањето на правните и регулаторни рамки со стандардите на ЕУ, што е клучно во процесот на пристапување на земјава кон европското семејство.
Премиерот Ковачевски истакна дека главна определба на Владата на среден рок е постигнување одржлив економски развој, фискална консолидација и спроведување на структурните реформи. Тој потенцираше дека само стабилни јавни финансии можат да обезбедат долгорочен раст и развој на земјава, подобрување на животниот стандард на граѓаните, што е клучно државата да се движи напред на патот на евроинтеграциите.
На средбата заеднички беше констатирано дека ММФ ќе ги поддржи заложбите на Владата за понатамошно намалување на буџетскиот дефицит, борбата против инфлацијата, заштитата на финансиската стабилност, подобрувањето на животниот стандард со зголемување на инвестициите, растот на продуктивноста и забрзувањето на зелената транзиција.
Средбата беше одржана по завршување на Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд во земјава за членот IV во Република Северна Македонија.
Овие мисии се одржуваат еднаш годишно, во рамки на кои се скенираат макроекономската рамка, како и управувањето со фискалната и монетарната политика.