Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи ќе ја отвори Kонференцијата за млади на тема „Младински иновации и претприемништво: создавање одржлива иднина во регионот на ОБСЕ“, што денеска ќе се одржува во Скопје.
Овој младински форум е во рамки на Претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ, а на него младински претставници од земјите-учеснички во ОБСЕ низ интерактивни сесии ќе имаат прилика да дебатираат и изнаоѓаат иновативни решенија за решавање на социјалните и еколошките проблеми во нивните заедници.
Како што информираа од МНР, оваа конференција доаѓа како резултат на централните приоритети на Претседавањето со ОБСЕ во 2023 година, каде интеграцијата на младинските перспективи во сите три димензии на Организацијата претставува многу важен дел, а пак резултатите и препораките кои ќе произлезат од форумот ќе бидат презентирани и на Министерскиот совет на ОБСЕ што ќе се одржи на крајот на овој месец во Скопје.
Воведната сесија ќе биде модерирана од специјалниот претставник за млади, Мемет Жаку, а покрај Османи, воведни обраќања ќе имаат и генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Шмид, американскиот амбасадор во ОБСЕ, Мајкл Карпентер и шпанскиот амбасадор во Северна Македонија, Хозе Луис Лозано Гарсија.