Собраниската Анкетна комисија за случувањата на Клиниката за радиотерапија и онкологија денеска треба да продолжи со работа со разгледување на акти и документи поврзани со скандалот во оваа клиника.
Членовите на Комисијата, пред неколку дена ги почнаа предвидените 30 дена за разгледување на документацијата и на последната седницата ја анализираа собраната документација и стенограмите од исказите на 60-тина сведоци кои беа сослушани во претходните 30 дена.
Според искажаното на последната седница, за пратениците од опозицијата виновен е поранешниот министер за здравство Венко Филипче, кој, како што истакнаа од ВМРО-ДПМНЕ, бил на врвот на пирамидата на криминалот. Додека, пак, за пратениците од власта, опозицијата го политизира случајот со Клиниката и без никакви докази се става во улога на судија и неосновано обвинува.
Александар Велјановски, заменик-претседател на Анкетната комисија за скандалот во Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија го впери прстот во поранешниот министер за здравство Венко Филипче. Тој обвини за спрега меѓу Филипче, поранешниот директор на Клиниката за онкологија Нино Васев и веледрогеријата „Пановски“.
Пратеникот на СДСМ Мартин Костовски смета дека тешко ќе се дојде до заеднички заклучок бидејќи, како што рече, уште од самиот почеток пратениците од опозицијата спроведуваат партиска агенда и конструиран став и обвинувања за поранешниот министер Филипче.
Пратеничката на СДСМ Марија Георгиевска истакна дека пратениците од опозицијата членови на Комисијата посочуваат со имиња за виновници иако, како што рече, ништо не е докажано. Таа е на ставот дека одговорност има и пропустите на онкологија траеле со години.
По расправата за документацијата, Анкетната комисија треба да донесе формални заклучоци.
Пред Анкетната комисија досега сведочеа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, поранешните министри за здравство Венко Филипче, Беким Сали и Никола Тодоров, актуелниот министер Фатмир Меџити, поранешните и актуелните директори на Фондот за здравствено осигурување – Орхан Рамадани, Фатон Ахмети, Маја Парнарџиева Змејкова, Магдалена Филиповска Грашковска, актуелната заменик – министерка за здравство Маја Манолева, поранешните заменици – министри за здравство Илир Хасани и Владимир Рендевски, Ефтим Насков, главен внатрешен ревизор во Фондот за здравствено осигурување, поранешната директорка на Клиниката за онкологија, Симонида Црвенковска, в.д. медицински директор на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија Виолета Клисарова, како и други лица и функционери.
Анкетната комисија во Собранието беше формирана по објавата на случајот за злоупотреба на лекови од Клиниката за онкологија.