Израелската телевизија „Н12“ во текот на ноќта јави дека е можен договор за ослободување на заложниците во Појасот Газа, пренесе ДПА.
Во извештајот на ТВ каналот се наведува дека Хамас сигнализирал дека е начелно подготвен да ослободи 87 заложници, меѓу кои 53 се жени, деца и млади луѓе и 34 странци.
Израел, од другата страна, ќе мора да се обврзе на петдневен прекин на огнот во Појасот Газа и ослободување на палестинските затворенички, малолетници во израелските затвори и „безбедносни“ затвореници.
Хамас, исто така, со договорот бара и увоз на повеќе гориво во крајбрежниот појас.
Тв каналот информира, исто така, дека сè уште не е јасно дали договорот ќе се спроведе. Еден проблем е тоа што постои мал контакт со шефот на Хамас во Појасот Газа, Јехја ал Синвар, кој сè уште не дал јасен, конечен одговор преку посредниците во Катар, се додава во извештајот на „Н12“.
Израел претпоставува дека Ал-Синвар од почетокот на војната, на 7 октомври, се крие во подземните бункери на Газа, а последен пат се веруваше дека е виден во неговото родно место Кан Јунис, на југот на крајбрежниот појас, потсетува ДПА.
Комуникацијата меѓу Израел и Хамас се изведува преку неколку посредници, се додава во извештајот на ТВ каналот.
Извор: МИА