И по 60 години, Ролинг Стоунс сè уште одат силно и се подготвуваат за уште една концертна турнеја.
Легендарниот рок бенд – со Мик Џегер, Кит Ричардс и Рони Вуд – ќе започне турнеја „Hackney Diamonds“ како поддршка на нивниот неодамнешен истоимен албум, пренесува Си-Ен-Ен.
Северноамериканската турнеја ќе опфати градови во САД и во Канада, со нивниот прв концерт закажан за 28 април 2024 година во Хјустон и последното шоу закажано за 17 јули во Санта Клара, Калифорнија.
Турнејата е спонзорирана од Американското здружение на пензионери (ААРП).
„Hackney Diamonds“ е 26-тиот американски студиски албум на Стоунси, објавен во октомври. Тоа е нивни прв албум по „Blue & Lonesome“ од 2016 година.
Бендот, познат по хитовите како што се „Satisfaction“ и „Start Me Up“, првпат беше на турнеја во САД пред речиси 60 години, во јуни 1964 година.
Стоунс ќе настапат во Сиетл, Лас Вегас, Атланта, Ванкувер и Лос Анџелес како дел од турнејата „Hackney Diamonds“.
Влезниците во претпродажба ќе можат да се купат во среда, 29 ноември во 12 часот. локално време.
Подготви: Ј. Ѓ.