Пишува: МИРОСЛАВ ЈОВАНОВИЌ / СЛОБОДЕН ПЕЧАТ
Ако не сте златара, банка, трговец со ретки метали или тајни технологии, дури и за балкански прилики звучи чудно податокот дека една граѓанска, невладина организација во своето 24 годишно постоење била повеќекратна жртва на разни видови насилство; просториите ѝ се четири пати обивани, а инвентарот уништен и испоганет, нејзините членови преку 20 пати физички нападнати, а зачестеноста на смртните закани и други вербални поганштини стануваат секојдневна појава.
Утрото им започнува, наместо со читање весници, со отворање на судски покани за ова и она. Забога, со што ли таа организација се бави? Некој ќе каже: „пих, па тоа се нешто како општи човечки и граѓански права, слобода на говор, нешто како нивна заштита, промоција, право на глас и неговата (зло)употреба, потенцијални изборни измами, екологија, и такви работи…“ Зарем посочените со устав (и мноштво меѓународни повелби) загарантирани граѓански права, нивната промоција и заштита предизвикуваат кај една група наши сограѓани, најблаго кажано – чувство на нелагодност, загроза и гнев? Сè додека одговорот е „да“, тоа е raison d’etre на ЦИВИЛ.
Во општество каде што зборовите го губат своето значење и смислата, каде што анти критериумот е главен критериум, каде што за кражба на 30 ќебапи ќе „заработите“ повеќегодишна затворска казна, а за мултимилионскиот криминал „законска поштеда“, кога секојдневието е диктирано од олигокриминалци и нивните политички дилови, а нашите судбини, имот, права и слично зависат од политичката/државната милост, да се бавите, сиот свој капацитет да го ставите во служба на промоција и заштита на корпусот на човекови права, ни кажува дека во нашето општество сè уште (покрај сите девастации) постојат личности и организации кои поради своето „вјерују“ се повеќе од спремни на лична жртва на олтарот на слободата и правата како врвен идеал на современото демократско општество. Тоа е за почит и восхит!
Податокот дека постоењето на ЦИВИЛ трае речиси четвртина век и дека организацијата со нејзината „мала, но одбрана чета“ – како непремостлива брана се поставува кон сè што го загрозува, кочи или уназадува нашето општество во неговиот демократски развој, кажува дека организацијата и нејзините членови како општествен коректив имаат ѓаволски тешка задача и напорна работа.
Никогаш не се поставувале во општеството како носители на апсолутната вистина! Во нашите балкански жабокречини, каде чеканот секогаш има предност во однос на зборот и идејата, да негувате возвишени идеали за слободата и правдата звучи дури и романтичарски; патот на ЦИВИЛ е одамна избран. Сепак „за идеалите не гинат будалите“ туку луѓе со возвишени духови и визии!
Им посакувам уште долги години на позитивна визија, истрајност и работа; кога еден ден ЦИВИЛ ќе ја постигне целта на својата мисија, тоа ќе значи дека нашата земја конечно станала пристојно место за живеење. Тој ден е, за жал, сè уште далеку, но причина повеќе, организацијата да продолжи по својот пат низ нашите општествени Сцили и Харибди.