Главната управа за разузнавање (ХУР) на украинското Министерство за одбрана објави успешна специјална сајбер операција, во рамките на која се добиени голем број доверливи документи на структурната единица на руското Министерство за транспорт – Федералната агенција за воздушен транспорт (Росавијација). ХУР ова го соопшти во објава на Фејсбук, пренесува Укринформ.
Според објавата, наведената агенција е одговорна за безбедноста на летовите и ги евидентира сите итни случаи при употреба на руски авиони.
Меѓу податоците добиени како резултат на хакирање и навлегување во непријателските информациски системи е списокот на дневните извештаи на Росавијација за повеќе од една и пол година.
Нивната анализа покажува дека рускиот цивилен авијациски сектор е пред колапс, соопшти украинската разузнавачка агенција.
Во јануари 2023 година, во руската цивилна авијација се регистрирани 185 воздушни несреќи. Околу една третина беа оквалификувани како инциденти од различни нивоа на опасност. Рускиот авион за кратки релации Сухој Суперџет стана лидер со регистрирани 34 проблематични случаи.
Во првите девет месеци од 2023 година, во Русија беа документирани 150 случаи на дефекти на авиони. За истиот период во 2022 година се забележани само 50 вакви инциденти. Поради тоа, нивото на опасност од летови во Русија е тројно зголемено, соопшти ХУР.
Најпроблематичните области на руската авијација се моторите и шасијата, како и други важни елементи, вклучувајќи хидраулични системи и софтвер.
Според украинските разузнавачи, Русија се соочува и со сериозни потешкотии со одржувањето на авиони со голема километража. Поради недостаток на капацитет и специјалисти во Москва, тие се обидуваат да го преориентираат одржувањето на авионите во Иран, каде што работата се изведува без соодветна сертификација.
Од март 2022 година, Русите имаа околу 820 цивилни авиони од странско производство, а во тоа време само до 10% од нив беа подложени на несертифицирана поправка користејќи неавтентични резервни делови, додека „сега речиси 70% од авионската флота помина таков „одржување““, соопшти ХУР.
Акутниот недостиг на резервни делови доведе до таканаречениот „авионски канибализам“, кога некои авиони се расклопуваат за да се поправат други. Според достапните податоци, до средината на 2023 година, повеќе од 35% од авионите во Русија биле користени за поправка на други.
Повеќето од советските авиони Ан-2 не можат да полетаат, бидејќи моторите за нив се произведени во Полска, а нивното снабдување е прекинато поради санкциите.
Дополнително, само во јануари 2023 година, меѓу 220-те авиони на Ербас во Русија, забележани се 19 различни дефекти. Конкретно, 17 случаи на чад се забележани во девет авиони што ги користи Аерофлот.
Од 230 авиони Боинг што се користат во Русија, забележани се 33 дефекти на техничкиот систем.
Еден од седум бразилски авиони „Ембраер“ не можеле да ги издржат условите на руското одржување, а во Русија има 21, соопшти украинското разузнавање.
Во септември 2022 година, Меѓународната организација за цивилно воздухопловство (ICAO) ја означи Русија со црвено знаме, заедно со Либерија и Бутан, што укажува на исклучително висок ризик за безбедноста на летовите.
Анализата на природата на воздушните инциденти од добиените документи укажува дека голем број дефекти, особено оние поврзани со мотори, опрема за слетување и механизација на крилата, се системски. Трендот покажува дека сферата на цивилното воздухопловство во Русија „се наоѓа во зона на сериозни турбуленции“, соопшти ХУР.
Соодветната реалност е директна последица на санкциите, а најболните беа забраната за набавка на авиони и резервни делови за нив, целосно одбивање на одржување и сервисирање, одбивање да се ажурира софтверот, задржување на руски авиони во странство, и ограничување на пристапот до метеоролошките информации за воздушната навигација.
Руската Федерација, изложувајќи го своето население на смртна опасност, со сите средства се обидува да скрие куп проблеми со цивилната авијација, соопшти украинското воено разузнавање.
Подготви: Ј. Ѓ.