Ангелика Апсис на нејзиниот Фејсбук профил објави дека маестро Александар Џамбазов и „Златно славече“, добиваат мурал во Дебар Маало во Скопје – „Маестро Џамбазов и златните славејчиња во срцето на Дебар маало“.
Во коментар под објавата се наведува дека автори на муралот се Драган Китановски-Драш и Марјан Димиќ.
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски најавува настан со учество на познати македонски уметници и членовите на хорот “Златно славејче” на 25 јануари наредната година, кога ќе се одбележи двегодишнината од неговата смрт.
„Навистина е задоволство да се има муралот на доајенот Александар Џамбазов кој со својот неверојатен творечки опус остави неповторлив белег во својата професија и нашата историја. Тој беше автор на детски песни, иницијатор за формирање на фестивалот „Златко Славејче“, пишувач на сценска и филмска музика, македонски диригент и композитор и великан на современата македонска музика. Настанот на 25 јануари ќе претставува своевидно потсетување на музичкиот опус на основачот на детскиот фестивал и доајен Александар Џамбазов“, вели Герасимовски.
Фестивалот „Златно славејче“ бил основан во ноември 1970 година од страна на композиторот Александар Џамбазов (кој бил уметнички директор на фестивалот), поетот Васил Пујовски и Благоја Јордановски (во тоа време, секретар на Советот за грижа и воспитување на децата на Град Скопје). Тој е најстариот детски музички фестивал на Балканскиот Полуостров и вториот најстар во Европа.
Александар Џамбазов роден во Стапар, 3 февруари 1936, почина во Скопје, 25 јануари 2022, е македонски диригент и композитор, великан на современата македонска музика.
Ј. Ѓ.