Турција ги отфрла плановите за формирање „тампон зона“ во Појасот Газа по завршувањето на борбите, изјави денеска турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Тој на новинарите во авионот што се враќаше од Катар им рече дека таквиот план, кој Израел го достави до Турција и некои арапски држави минатата недела, е „неправеден“ кон Палестинците.
За иднината на Газа по војната ќе одлучуваат Палестинците, вели Ердоган, повторувајќи дека Израел мора да ги врати териториите што ги окупираше.
За актуелната ситуација во регионот на Блискиот Исток, лидерот на Турција ја обвини поддршката што Западот, особено САД, му ја даваат на Израел и го предупреди Тел Авив да не врши операции против припадниците на Хамас на територијата на Турција, „затоа што може да плати висока цена за тоа“.
Ердоган нагласи и дека Турција очекува дополнителни чекори од американскиот Конгрес во процесот на продажба на борбени авиони Ф16 на Анкара, откако во турскиот Парламент беше доставен предлог-закон за ратификација на членството на Шведска во НАТО.