Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска е, по многу нешта, нова појава во македонската политика. Нејзината појава, нејзините одлуки и начинот на кој ја разбира културата и културните политики ја прави Костадиновска-Стојчевска интересна соговорничка.
Иако е често присутна во јавноста, министерката Костадиновска-Стојчевска секогаш има нешто ново во агендата. Секако, интересно е да се слушнат нови информации за некои од старите „болки“ на културните институции, како што е реконструкцијата на Универзалната сала, културата во контекст на човековите права, неколку нови законски решенија и низа други важни теми што ѝ ги постави Фронтлајн на македонската министерка за култура.
ФРОНТЛАЈН: Министерке, после долги перипетии, Министерството за култура ја презема реконструкција на Универзална сала, a Градот конечно ја предаде документацијата. Што е следно, ќе добие ли Скопје Универзална каква што заслужува? Кога ќе видиме реални активности на терен?
БИСЕРА КОСТАДИНОВСКА-СТОЈЧЕВСКА: Министерството за култура ја презеде обврската да ја продолжи реконструкцијата и е новиот инвеститор на Универзална сала, откако локалната власт јасно стави до знаење дека нема намера да ја реновира и покрај проектот и финансиската поддршка од Владата.
Пред повеќе од една година започна интензивната комуникација, проследена со неколку барања и писмо за намера до Градоначалничката на Град Скопје и конечно успеавме, после неколку месеци од донесувањето на Одлуката на Советот на Град Скопје, да постигнеме договор за пренесување на правото на реконструкција.
Инсистиравме да имаме договор кој во целост ја почитува Одлуката на Советот на Град Скопје, во насока на промена на инвеститор, за поефикасно спроведување на целата постапка, бидејќи и така е изгубено многу време и секој нареден ден во ваква состојба е финансиски трошок и поголема штета за објектот.
Затоа веднаш по усвојувањето на информацијата го потпишав Договорот и веќе е во Град Скопје. Верувам и очекувам уште утре градоначалничката да го потпише и да го достави заедно со целата документација за да започнат градежните активности на објектот. Тоа е во интерес на граѓаните и културата. Европска престолнина на културата за 2028 треба да има европска Универзална сала и да докажеме дека заслужено Скопје е носител на оваа престижна титула.
После доставувањето на документацијaта Министерството за култура веднаш ќе започне со интензивна работа. Имаме капацитет и веќе спремни човечки ресурси за брза реализација на реконструкцијата на Универзална сала.
Реални активности на објектот очекуваме да започнат уште месецов, за напуштеното градилиште да не продолжи да пропаѓа пред очите на скопјани и да не претставува безбедносен ризик за нив.
Сакаме и ќе го вратиме сјајот на Универзална сала која беше културно собиралиште на Скопјани и симболот на светската солидарност кон Скопје.
ФРОНТЛАЈН: 10 декември е Меѓународен ден на човековите права, а по тој повод Министерството за култура е главен покровител на државната награда „Мето Јовановски” која е највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на промоцијата, заштитата и унапредувањето на човековите права. Што значат за македонското општество годинешните добитници на наградата?
КОСТАДИНОВСКА-СТОЈЧЕВСКА: Наградата „Мето Јовановски” за придонес во промоцијата, заштитата и унапредувањето на човековите права е признание за упорноста и храброста во подвиците кои ги прават граѓаните за економското и социјално зајакнување на ранливите групи, докажувајќи дека македонското општество знае за солидарност и има инклузивен отпор за социјална правда.
И затоа не случајно Комисијата одлучила добитници на овогодинешната награда да бидат платформата за одржлив развој „Лице в лице“ и Борче Стаменов од иницијативата „Донирај компјутер“, кои секојдневно со својот пристап даваат поддршка во остварувањето на правата на ранливите групи. Тоа го прават на еден вешт начин, поттикнувајќи креативност, солидарност и соработка за мирен одржлив развој и инклузивно, праведно и силно општество.
Важно е да се афирмира придонесот на секој човек и на заедницата која јавно застанува во одбрана на човековите права и слободи и човековото достоинството, спротивставујќи се на дискриминацијата, насилството и поделбите по сите основи.
Човековите права не можат да се дадат, тие припаѓаат на сите, затоа обврска ни е да создаваме услови за нивно остварување во пракса. И ние како Министерство за култура за приоритет ги имаме ранливите категории граѓани, кои со нашата поддршка сакаме да се видливи во општеството заедно со нивната креативност и иновативност.
10-ти декември не смее да биде единствениот ден кога сите едногласно ќе зборуваат за почитување на човековите права. Наша цел и заложба е од ден на ден и година во година да имаме подобрување на оваа област и да обликуваме вредности кои градат општество кое е безбедно и со исти можности за сите.
ФРОНТЛАЈН: Во собраниска процедура се Законот за употребата на македонски јазик и измените на Законот за игри на среќа. Дали овие закони се заглавени или реално е да очекуваме позитивен исход? Што содржат овие измени и зошто е важно да се донесат овие закони?
КОСТАДИНОВСКА-СТОЈЧЕВСКА: Во собраниска процедура се и двата закони и очекувам и двата да бидат изгласани час поскоро. Во комуникација сум со пратениците и очекувам до крај на годината да биде изгласан, односно во следните две недели да добиеме нов Закон за употребата на македонскиот јазик. Ги охрабрувам пратениците ова важно прашање да не се одлага ни ден повеќе.
Пред пратениците е целосно нов текст за Законот за употреба на македонски јазик, кој не е променет од 1998 година. Јазикот е жива материја и кога зборуваме од оваа временска перспектива тој не одговара на предвидените законски регулативи од 1998.
Затоа на ова законско решение треба секој пратеник да покаже посебна одговорност и внимание, како еден од темелите на нашето културно и духовно богаство.
Законот ги проширува областите во кои задолжително ќе се употребуваат македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо. Ова ќе подвлече да се прошири опсегот на задолжително лекторирани текстови што се објавуваат, зајанувајќи ја улогата на лекторите и нивната задолжителна присутноста во институциите.
Измените на Законот за игри на среќа значи сигурно пополнување на дефицитарните работни места во културата и нивно обезбедено вработување.
Со ова ќе се воведе нова енергија и свежина во културните установи, во кои последните 15 години воопшто не се вршело вработување на стручен кадар, особено во заштитата на културното наследство.
Имаме вредно културно наследство кое треба да се одржува и заштити, што беше дополнителен мотив да побараме основање на дополнителен фонд за заштита на културно наследство. Затоа предложените измени се од два аспекти: Стручноста на кадарот и фонд за непречено работење, со цел да се врати атрактивноста на овие професии, кои се во прва линија кога станува збор за идентитетот, историјата и обичаите на еден народ.
Овој пристап во надминувањето на предизвикот со кој се соочува Министерството за култура, значи спречување на одливот на квалитетен кадар, преку стипендирање на дефицитарните кадри во културата, кои треба да биде поттик и добра основа за одржлив развој во заштитата на националното културно богатство и задржувањето на младите дома.
ФРОНТЛАЈН: Каква е соработката со земјите од регионот во областа на културата? Што можеме да очекуваме наскоро од македонските културни центри од соседството и од регионалната соработка?
КОСТАДИНОВСКА-СТОЈЧЕВСКА: Како никогаш досега културата е отворена и е приоритет во нашата домашна културна политика. Иницијативите како Берлински процес и Отворен Балкан ја поттикнаа соработката и настрана од политиката, се докажа дека културата е витална и дека ја има моќта да ги зближува и државите и народите.
Моќна е не затоа што е најлесно видлива и најбрзо ги покажува придобивките, туку пред сè затоа што ги обединува луѓето на најблагороден начин, духовно ги збогатува и издигнува, а истовремено го отвора патот за подобра соработка и на други полиња како на пример: Економски, научно-технолошки, спортски…
Во процедура е отворање на нов Културно-информативен центар во Белград, за што е направена проекција во буџетот за следната 2024 година, за оваа намена. Од Албанија овој петок 20 од украдените и потоа пронајдени икони ќе бидат вратени дома, со што ќе останат уште дваесетина икони кои незаконски беа изнесени од државата – за нивното враќање потребно е да се завршат процедурите. Ова е резултат на билатералните договори за соработка во областа на културата, но и на одличната комуникација која ја имаме со моите колеги од државите во регионот.
Културната соработката која се темели на европските вредности е вистински елемент на европското поврзување и заедничко придвижување напред.
Затоа и сме толку фокусирани на поврзувањето и соработката со регионот, бидејќи тоа е еден од најдобрите начини за обезбедување на долг рок заштита на културното наследство. Проблемот со дефицитарниот кадар во заштитата заеднички го решаваме со размена на кадри од државите од Западен Балкан, кој веќе е глобален проблем заради примамливоста на новите професии поврзани со технологијата.
Во контекст на меѓународната промоција на македонската култура ќе ги истакнам и проектите кои се реализираа во културно-информативните центри во Софија, Истанбул, Тирана и Загреб, но и заедничките проекти како заедничките изложби со Србија и со Бугарија, неодамнешната музејска поставка „Сребрена Тракија“.
ФРОНТЛАЈН: Датумот на парламентарните избори е познат. Кои се приоритетите на Министерството за култура во периодот што претстои до изборите, а кои генерално за 2024 година?
КОСТАДИНОВСКА-СТОЈЧЕВСКА: Приоритетите и оваа година се насочени кон младите автори и на проекти, кои имаат за цел и да ја подигнат и зајакнат свеста за сопствениот културен идентитет, преку својот квалитет, иновативност, креативност.
Фаќаме чекор со промените кои ги носи новото време и четвртата индустриска револуција затоа оваа година Министерството за култура направи дополнување со нова буџетска програма – креативни индустрии.
Во овој дигитален свет, креативноста е една од најважните вештини, која несомнено докажува дека може да биде двигател на економиите, но и да е силен промотор на културниот идентитет.
Исто така заштитата на културното наследство го има сето наше внимание и напори во дефинирањето на приоритети, бидејќи за жал финансиската потреба на само една деценија стари културни установи од проектот „Скопје 2014“ е голема. Одвојуваме големи средства за одржување на објектите од „Скопје 2014″ и со оглед на фактот дека се уште го плаќаме, сигурно има достигнато вредност од над 1 милијарда евра. Замислете тие пари да отидеа за заштита на културното наследство и во откривање на неоткриено кое, според проценките го имаме во изобилие.
Ќе набројам уште неколку капитални инвестиции како втората фаза од реконструкцијата на Музеј на Македонија, кој опфаќа целосна реконструкција на објектот, потоа реконструкцијата и адаптацијата на старото училиште во Љубојно во Центар за промоција на македонскиот јазик. Понатаму, реконструкција на старото Кино партизан во Битола, завршувањето на работите на кровот на НУБ Климент Охридски, финалната фаза на Турски театар, како и продолжување на изградбата на Театар и библиотека Тетово. Одржување на објектите и опремата во областа на културата и реконструкција и санација на веќе започнатите проекти.
Реализацијата на овие приоритети, со правилни политики како и досега, лидерство и добро планирани фази, значително ќе ја подобри културната слика и институционалната поврзаност и соработка во областа на културата, образованието, науката, како и економијата и туризмот.
ФРОНТЛАЈН: Културата на разговор, наместо „култура“ на насилство и родовото насилство се теми кои постојано се наметнуваат диктирани од радикалните структури и поединци. Како да се справиме со насилството во општеството?
КОСТАДИНОВСКА-СТОЈЧЕВСКА: За жал преку трагичните настани ја согледуваме појасно, целосно, реално и прецизно ситуацијата во нашето општество. Гледаме присуството на различни социо-патолошки појави, омраза и насилство во разни облици и на разни нивоа.
Семејното насилство не е семејна драма, насилството не е жанр. Тоа е аларм, тоа е повик на гласност. Жената која бара помош не го растура семејството. Напротив. Таа е жртвата.
За жал, и новите технологии, и интернетот, социјалните мрежи стануваат алатка за дигитално насилство врз младите и врз жените. Ова насилство преку тастатура, кое најнапред беше дефинирано како вознемирување, добива широки размери и станува светски проблем искачувајќи се високо на скалилото на насилство со тешки и трајни последици. Затоа и овој вид на насилство мора да се пријавува. Секој има право да биде сигурен и заштитен од насилство. Тоа е основно човеково право. Никој не смее да биде малтретиран ниту во реалниот живот, ниту преку интернет. Зашто нема разлика. Насилство е насилство.
Многумина и од нас биле жртва на вербално насилство и преку социјалните мрежи. Сме биле навредувани, пред сė како жени. Воздржувањето од пријавување е погрешна одлука која на насилникот му дава сила неказнето да продолжи со својот говор на омраза, со своето силеџиство. Во свет во кој секоја трета жена е жртва на секаков вид на насилство само зашто е жена, културата и уметноста се добри заштитнички зашто и тие честопати биле жртва на насилна злоупотреба. Но, ако се употребат за да се отвори дијалог и да се испрати порака дека нема табу теми, тогаш се разобличува и лагата дека постои невидливо насилство.
Како министерка за култура сакам и во оваа прилика да нагласам дека жените и младите авторки се во фокусот на поддршката на министерството кое го предводам. Ги охрабрувам да творат гласно, да творат самоуверено.
ФРОНТЛАЈН: Министерке, за крај – што очекувате од предизборниот период и од парламентарните и претседателските избори во април и мај 2024 година?
КОСТАДИНОВСКА-СТОЈЧЕВСКА: Очекувам периодов пред нас да креираме една позитивна политичка атмосфера која ќе овозможи продолжување на нашиот интегративен пат кон Европската Унија.
Очекувам избор на пратеници, Претседател и потоа Влада кои ќе продолжат да се спротиставуваат на радикалните националистички појави во општеството кои видовме во повеќе наврати какви последици носат.
Очекувам граѓаните да дадат мандат на политичарите кои умеат и се посветени да ги завршат успешно преговорите со ЕУ до крајот на следниот мандат, односно до 2028 година. Очекувам победа на европскиот фронт предводен од СДСМ, што ќе значи победа на демократските и напредните политики, наспроти политиките водени од дезинформации и омраза чиви претставници се ДПМНЕ и Левица.
ФРОНТЛАЈН