Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска оствари средба со Н.Е. Елита Кузма, новоименуваната амбасадорка на Латвија во Република Северна Македонија, со седиште во Прага. Тој упати честитки за изборот за амбасадорката и й посака успешна работа во натамошното зацврстување и унапредување на билатералните односи меѓу нашите земји. Понатаму, изрази благодарност за континуираната поддршка што Северна Македонија ја добива за пристапувањето кон ЕУ, како и за подготвеноста за споделување на Латвиското искуство на тој пат. Во време на сериозни геополитички и економски предизвици во Европа и светот, натамошната поддршка на Република Латвија за интеграцијата на Република Северна Македонија и на останатите земји од Западен Балкан во Европската унија е од огромно значење.
Амбасадорката Кузма се заблагодари за целиот придонес што Северна Македонија го дава за безбедноста во регионот преку мисиите на НАТО, за усогласеноста на политиката на земјата со Европската надворешна и безбедносна политика, како и за сите напори што се преземаат за натамошно демократизирање на земјата. Таа укажа на потребата од продолжување со потребните реформи со цел да се продолжи по европскиот пат на земјата.
Двајцата соговорници се заложија за унапредување на економската, културната и образовната соработка меѓу двете земји, како и унапредување на взаемната парламентарна соработка.