Единствен кочничар на државата е анти-ЕУ и анти-НАТО коалицијата на ДПМНЕ и Левица. Иако имаме успешен скрининг, иако имаме силна поддршка во Унијата и отворени врати, поради активната блокада на Мицкоски и Апасиев во македонското Собрание не започна процесот на отворање поглавја, изјави денеска портпаролот на СДСМ, Дарко Каевски.
Тој нагласи дека „виновникот има име и презиме: Мицкоски и ДПМНЕ“.
Мицкоски ги понижи македонските граѓани и македонскиот народ. Откако пропаднаа и сите лаги со кои што го плашеа македонскиот народ, дека некој ќе ни го смени идентитетот, дека ќе сме се асимилирале и бугаризирале. Сега на граѓаните им е кристално јасно: со ДПМНЕ и Левица нема Европска Унија, нема иднина, додаде Каевски.
Според него, „ДПМНЕ ја загуби идеолошката матрица и почна да забегува заедно со Левица“.
Каевски додаде дека СДСМ се профилира како партија којашто единствена го брани националниот интерес на македонскиот народ да биде дел од големото европско семејство, признаен и почитуван.
Со СДСМ имаме заштитен македонски јазик и идентитет и извесно членство во ЕУ, подобар животен стандард, поголеми плати и пензии. Затоа на овие избори за кочничарите, за активните блокатори, за анти европскиот блок на ДПМНЕ и Левица им следува голема казна и пораз, нагласи портпаролот на владејачката партија.
Тој порача дека „со глас за СДСМ и Европскиот Фронт се обезбедува европска иднина, продолжуваме по европскиот пат и полноправно членство во ЕУ“.
Каевски изрази уверување дека СДСМ ќе ја формира новата проевропска Влада која ќе ја однесе земјата во Европската Унија и која ќе обезбеди европска иднина, европски стандард и европски вредности.